Урсула фон дер Приватен авион

Претседателката на Европската комисија, од доаѓањето на функцијата во декември 2019 до сега, изнајмила приватен авион за 18 од вкупно 34 службени патувања. Некои од релациите на кои летала со приватно летало биле долги и само 50 километри.

Во светлината на борбата против климатските промени, каде што ЕК зазема прилично тврд став за тоа дека граѓаните треба да ги напуштат лошите навики што предизвикуваат штетни емисии, ова откритие на Телеграф предизвика лавина осуди за првиот човек на Комисијата, Урсула фон дер Лајен.

И навистина, таа користела приватен авион дури и за краткото патување од Виена до Братислава, релација од некои 50 километри. Да земела воз, како што нејзината Комисија им препорачува на граѓаните, ќе стигнела за саат време. 

Институциите решија да ја бранат тврдејќи дека нејзините патувања се неспоредливи со комерцијалните летови и дека авионите со кои летала користеле биогориво.

Во новиот европски зелен договор наменет за борба со климатските предизвици се предвидуваат нови давачки за воздушниот сообраќај (за летањето да стане луксуз), за автомобилите и горивото (за возењето да стане луксуз), за плинот (за греењето да стане луксуз)... Но за да може да ги пренесе сите тие спасоносни пораки наоколу, Урсула фон дер Лајен треба да дојде со приватен авион.  

 

3 ноември 2021 - 12:23