Украинскиот заменик-шеф на военото разузнавање изјави дека Украина губи од Русија на фронтот и сега се потпира речиси исклучиво на оружјето од Запад за да ја држи Русија колку-толку на дистанца.
„Ова сега е артилериска војна“, објаснува Вадим Скибицки. „Фронтовите се онаму каде што ќе се решава иднината, а ние губиме во поглед на артилеријата“.
Скибицки вели дека сега сè зависи од тоа што им го дава Западот но и дека „на едно украинско парче артилерија му парираат 10 до 15 руски артилериски парчиња. „Нашите западни партнери ни дадоа околу 10% од она што можат да ни го дадат“, проценува разузнавачкиот офицер.
Тој вели дека Украина дневно испукува меѓу 5.000 и 6.000 парчиња артилериска муниција. Нивните залихи се речиси истрошени и сега користат главно стандардни 155 калибарски од НАТО.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски минатата недела изјави дека дневно гинат и по 100 украински војници но има проценки дека жртвениот биланс е далеку поголем.