„Не само што на украинската војна и снемува муниција. Одлагањето на западните пратки со помош значи и дека на земјата и снемува нешто уште потешко за надополнување од гранати: борбениот дух неопходен за победа.
Моралот на војската е низок, уништен од непрекинатото бомбардирање, од недостатокот на напредно оружје, и загубите на военото поле. Во градови оддалечени стотици километри од фронтот, толпите млади луѓе кои во првите месеци од војната се редеа да се приклучат на војската исчезнаа. Денес, потенцијалните војници ја избегнуваат регрутацијата и своите ноќи ги минуваат во ноќните клубови, а многумина целосно ја напуштија земјата,“ пишува Џејми Детмер во текстот за Политико.
Детмер изминативе месеци додека живее во Украина прави десетици интервјуа и разговори со политичари, воени офицери и обични граѓани, и открива дека добива слика дека „државата се лизга директно кон катастрофа.“
„Дури и додека претседателот Зеленски тврди дека Украина се обидува да најде начин да не се повлече, воените офицери приватно имаат прифатено дека летово е неизбежно губење територија. Единственото прашање е колку. Владимир Путин несомнено никогаш не бил поблизок до оваа цел,“ смета Детмер, според кого ако бранот наскоро не се сврти во корист на Киев, украинската нација во денешната форма оди во историјата.
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, без двоумење потврдува дека Западот ја оставил Украина да се бори со едната рака врзана зад грбот, а Зеленски јавно порача дека Украина „ќе ја изгуби војната“ ако американскиот Конгрес не побрза и не испрати помош.
Предвидувајќи дека на долг рок Украина ја чека неизбежен пораз ако САД и Европа не се соземат и не преземат нешто, Детмер објаснува дека рускиот претседател сега е намерачен Харков, вториот по големина украински град. Процената е дека на Украина и требаат милиони артилериски гранати и над 20 Патриот системи за да го одбрани градот и војската на фронтот, а нема ни приближно толку опрема. Симболиката на Харков и за двете држави е дека тоа е првиот главен град на Украина.
Гневно барајќи ги Патриот системите, Кулеба во интервју Политико објаснува дека е безусловно благодарен за сè што Западот направил за нив во изминатите две години, но предупредува дека Украина е заробена во опасен круг:
„Оружјето што ни е потребно доцни или не се пушта; потоа западните сојузници се жалат дека Киев се повлекува, заради што е помалку веројатно дека во иднина ќе испратат повеќе помош.“
Колку и да звучи мрачно Кулеба, неговите предвидувања за оптимистички во однос на оние кои доаѓаат од военото раководство на Украина од каде предвидуваат дека летово нивната фронтовска линија ќе доживее колапс кога Русија ќе тргне во офанзива.
Бавноста и килавењето на Западот со испраќање на помошта кога е вистински потребна низ овие две години ја поткопа волјата и решителноста на Украина да го направи она што е неопходно, што најмногу се одразува на бројноста на украинската армија и способноста да регрутира нови војници.
„Земјата се соочува со егзистенцијална криза, Путин буквално сака да ја избрише од мапата, а сепак очигледно нема доволно јавна поддршка за нова мобилизација,“ пишува Детмер.
За него е чудно што младите мажи од централна и западна Украина на стотици километри од фронтот даваат се од себе за да ја игнорираат војната и се однесуваат како нивната држава да не е окупирана, забавувајќи се во кафеа и ноќни клубови. Процената е дека од Украина имаат избегано најмалку 650.000 мажи кои се на борбена возраст.
Детмер го критикува и Западот за неуспехот на санкциите и фантазијата дека заради нив рускиот народ ќе се крене против Путин или негови блиски луѓе од внатре ќе го соборат рускиот претседател.
Во корист на Путин оди и тоа што минатиот месец тој доби нов мандат од 6 години, наспроти најголемиот дел западни лидери кои годинава или следната се на избори и може да бидат сменети.
Запрашан што би можел Путин да направи ако Украина не ја добие помошта од САД (60 милијарди долари), Зеленски одговара „комплетно сè ќе уништи, сè.“