Укинување на романската демократија

Неделава силите требаше да ги одмерат двајца најдобро пласирани романски претседателски кандидати:  ТикТок 'ѕвездата' Калин Георгеску и поранешната тв новинарка Елена Ласцони. Но, само 48 часа пред отворање на гласачките кутии, Уставниот суд реши да го поништи целиот процес заради руска вмешаност. Истовремено се оддржаа и парламентарни избори, ама, види чудо, тие резултати на државата ѝ се чинат неспорни.

Двете поразени центристички партии, Социјалдемократската партија (ПСД) и централно-десничарската Национал-либерална партија (ПНЛ), доминираат во романската политика уште од падот на омразениот режим на Николае Чаушеску во 1989 година.

Изборниот резултат од минатиот месец беше длабоко понижувачки за нив.

Штом стана јасно дека Георгеску ќе ги победи „центристичките“ кандидати - вклучително и актуелниот премиер Марсел Чиолаку - естаблишментот почна да обвинува за странски непријател (читај: Русија).

Додуша, од самиот почеток на кампањата, многумина го сметаа за сомнителен фактот што Георгеску дојде на самиот врв на политичката сцена за бизарно кратко време, од речиси целосна анонимност, без поддршка на некоја од големите партии, традиционални медиуми или донатори со „име и презиме“. До денес нема јасни извори на неговите приходи, а најголемиот дел од кампањата ја водеше на социјалните мрежи. Обвиненијата велат дека за само 24 часа биле креирани над 25.000 профили кои почнаа да „пумпаат“ про -руска содржина.

Проевропско ориентираната земја за само неколку недели почна позитивно да реагира на реториката на кандидатот кој директно го критикуваше членството на Романија во НАТО и ЕУ, а како свој приоритет најави итно откажување на воената и друга помош за Украина.

„Можеби малигните, наводно руски сили, навистина се обиделе да влијаат на изборите. Но, постои голема разлика помеѓу намерата да се влијае на изборите и навистина да се успее да се намести гласање. Идејата дека стотици илјади Романци гласале за Георгеску само заради некои странски објави на социјалните мрежи е апсурдна. Исто така, таа го игнорира фактот дека неговиот потенцијален ривал во сега откажаниот втор круг беше речиси исто толку аутсајдер како и тој. А сепак Ласкони, исто така, успеа да ги победи своите ривали од естаблишментот без никакво ботовска помош од Кремљ“, забележува Тим Блек.

Индикативно е што против одлуката на Уставниот суд се побуни и Ласкони, согласувајќи се со Георгеску дека „државата го напаѓа демократскиот процес“.

Суспендирањето на претседателските избори е многу ризичен потег, бидејќи освен тоа што земјата зачекорува на непозната територија на нејзините институционални овластувања, на Георгеску му е сервиран и аргументот дека е жртва на саботажа од „мочуриштето“ и длабоката држава, поради што рејтингот може да му се зголемува, како што беше во случајот со Доналд Трамп во САД.

За работите да бидат уште подраматични и побизарни, минатиот викенд во Романија истовремено се одржаа и парламентарните избори, но, тие резултати не се оспоруваат.

Тешко е да се тврди дека тие избори не биле мета на сајбер напади од злонамерни странски актери, бидејќи не се случувале во вакуум, пишува Јутарњи.

9 декември 2024 - 11:18