Тулси Габард е аут. Претседателската надеж од 2020-та и трн во око на разбудените реши да излезе од Демократска партија. Вели дека повеќе не може да биде дел од партија која е „под целосна контрола на елитистичка кабала од воени хушкачи кои се водат од кукавичлук, прават раздор претворајќи го секое прашање во расно прашање и притоа поттикнуваат анти-бел расизам“.
Ауч. Е, вака се излегува од партија. 30-минутното интервју каде Габард се збогува со членството е едно од најексплозивните и најефикасни оставки што сум ги видел последниве години.
Разводот беше извесен веќе некое време. Со своето долгогодишно противење на војните за уривање странски влади и артикулираните критики на погубните разбудени идеологии, таа со години е во клинч со Демократската партија.
A современите Демократи баш сакаат такви работи. За Хилари Клинтон и нејзината котерија нема ништо послатко од почнување војна за смена на владите кои не им се по ќеф. Зар некој може да го заборави она нејзино кикотење кога го убија Гадафи? Се чини дека и Џо Бајден е фан на грубијанско мешање во внатрешните работи на трети држави. Неговото инсистирање на тоа дека „Путин не може да остане на власт“, што неговите брзо го ублажија но сепак остана знаменито, говори за основаноста на нејзината загриженост дека лудите Демократи, можеби несвесно, но „нè влечат се поблиску до нуклеарна војна“.
Што се однесува на „кукавичката будност“, Габард укорува - таа пост-вистина, пост-слободарска вера сега е метастазирана во секое крило од партијата. Од тоа што администрацијата на Бајден силно ја гушна идеологијата на трансродовоста која ја негира реалноста, до лежерната расизација на јавниот живот - запомнете дека Бајден избра Врховен судија исклучиво врз основа на бојата на кожа - ова е естаблишмент целосно корумпиран од идентитетски политики.
За разлика од нив, Габард претпочита здрав разум и универзална вистина пред идентитетските лудила. Уште во 2020-та, кога сè уште беше претставник на Демократите во конгресот на Хаваи, предложи закон во кој се наведува дека само на биолошките жени - значи само на жените - би требало да им биде дозволено да учествуваат во женските спортови. Не и на момците. Ја осуди и критичката теорија на расите и нејзината промоција од страна на моќните елити кои создаваат раздор на основа на бојата на кожата. Секако, заради ваквата одбрана на правата на жените и визијата на Мартин Лутер за „република слепа за бои“, толпата фејк левичари ја доживеа како трансфобична и ја прогласи за расист. Така политиката стана конфузна - браните родова еднаквост а ве нарекуваат фанатик; се противите на расното размислување и вие сте расист.
Не е ни чудо што Тулси не ги поднесува.
Во изјавата по повод својата оставка, таа брилијантно го сумира моралниот неред, илити трулеж, кај разбудените елити кои доминираат не само со САД туку и со голем дел од западниот свет. Тие „активно работат кон саботажа на слободите што ни се дадени од Бога“, вели таа. Тие „ја демонизираат полицијата, ама ги штитат криминалците на сметка на Американците што го почитуваат законот“. Сето ова е неспорно. Сите видовме како полициските сили беа дефундирани во САД, по страшна цена која ја платија заедниците на работничката класа.
Шибање реднеци е мода меѓу елитите. Од нивната кансел култура до хистеричното ловење “домашни терористи“, очигледно е дека ова се луѓе алергични на слобода. Габард верува во слобода, што значи дека Демократската партија не е нејзин дом.
Една од нејзините највпечатливи поенти е дека Бајден ги с'ска безбедњаците да тргнат против политичките неистомисленици. Мисли на начинот на кој длабоката држава во последно време го прогонува Трамп. Му упаѓаат во домот на Флорида барајќи докази за кривично дело, налудничаво шпекулираат за некаков си руски маневар, му налагаат на Фејсбук да ја ограничи достапноста на приказната за лаптопот на Хантер Бајден, само за Бајден да не испадне лош, а Трамп добар. Тоа што левицата молчеше за овие подмолни активности, или јавно ги славеше е длабоко загрижувачко. Габард има принципи. Не морате да се согласувате со сето што таа го говори - не сум среќен со нејзиниот став за Украина, на пример, зашто мислам дека ја намалува улогата на украинскиот народ во борбата за ослободување а ја преувеличува американската улога -за да го препознаете тоа.
Очекувано, сега ѝ се сипаа троловите на естаблишментот. Отсекогаш им била мета. Хилари еднаш го живна „макартизмот“ за да ја етикетира како руски извршител кој работи по налог на Путин. Оваа нова „Црвена паника“ ја има и по нејзината оставка. Видни Демократи извикаа:
„Алелуја! Дупелижачката на Путин конечно ја напушта Демократската партија. Ако имаме среќа, ќе се пресели во Русија. Среќен пат, предавничке!“
Употребата на така екстремен и нетолерантен јазик, доловува колку нивниот естаблишмент не може да прости никому кој ќе се осмели да да го спомне нивното воено хушкање и авторитарност.
И коментаторите маваат по Габард. Бил Кристол вели дека таа била и про-Асад и про-Путин. А Кристол е нео-конзервативец кој играше клучна улога во правдањето на варварската инвазија на Ирак во 2003-та, војна во која Габард, како припадник на Националната града на Хаваи, директно учествуваше. Не можете да најдете подобра илустрација за распадот на американските елити кои не се во допир со реалноста - човек што навивал за војна основана врз лаги, суди жена што била во таа војна како „апологет на авторитарците“. Некои од гоничите на Габард немаат ни трошка срам.
Една од главните критики упатени кон Габард е дека таа ја напушта политиката за да продолжи со културна војна. Дека само сака да биде нов скап бренд во Фокс Њуз. Погрешно на многу нивоа. Многу поточно е да се каже дека таа се пружа отпор на идејата за културна војна. Оние кои велат дека мажите можат да бидат жени, дека белците се зли, дека милиони Американци се за жалење или полу-фашисти, тие се оние кои водат војна против разумот и слободата. Сè што Габард сака е да ѝ се спротивстави на таквата ирационалност и не-либерализам, затоа што, како што вели „верува во влада на луѓето, од луѓето, за луѓето.“ Мене тоа ми звучи сосема ок.
***********