Законот и овозможува на канадската влада и на Трудо да преземат „специјални привремени мерки кои можеби не се соодветни во нормални времиња.“
За Трудо мерката е оправдана бидејќи ова повеќе не било легален протест против владини политики, туку „ова сега веќе е нелегална окупација“.
Со одлуката меѓу другото се дозволува излегување на федерална полиција на улица за да и помогне на локалната полиција во справување со протестите.
Сега Трудо ќе смее да забрани јавно собирање, патување од и до одредени локации, користење на одреден имот, евакуација на луѓе и личен имот од одредени локации, и да им нареди на компании да ги понудат своите услуги за потребите на владата, пред се ова се однесува на влечни служби за камионите.
Во теорија може да се побара и излегување на војската на улица, меѓутоа за сега тоа се води како последна мерка.
Со посебна одлука се прошируваат и мерките против перење пари и финансирање тероризам, кои во иднина ќе опфаќаат и собирање пари преку интернет платформи (краудсорсинг), откако во неколку наврати владата интервенираше за да ги заплени парите донирани на камионџиите. Прво ГоФандМи им скина околу 10 милиони долари донации на камионџиите, па откако се префрлија на друга платформа, банката во која беше сметката на камионџиите, ги замрзна парите.
По канадски закони кога Владата ќе прогласи вонредна состојба, таа веднаш стапува на сила, меѓутоа сепак во рок од една недела таа ќе треба да излезе пред Парламентот за да добие одобрение. Ако Долниот дом или Сенатот изгласа против одлуката, тогаш таа се укинува.
Според експертите, одлуката на Трудо е речиси панична и не многу одржлива. Постојат четири сценарија по кои законот може да се активира, меѓутоа „ни едно од нив не е очигледно присутно во Онтарио“.
Професорот кој изучува катастрофи и вонредни состојби на Брендон Универзитетот, Џек Линдзи, објаснува дека при активирање на овој закон Владата ќе треба прво да покаже дека навистина постои национална вонредна состојба, односно „дека камионџиите претставуваат закана за безбедноста на Канада“.
За асистент професорката по меѓународни студии на Карлтон Универзитетот, Леа Вест, за да се воведе вонредна состојба владата треба да прогласи дека „овие протести се закана за безбедноста на Канада, нашиот суверенитет и територијален интегритет.“
„Вистински сум загрижен околу заматувањето на правната граница за активирање на најмоќниот федерален закон што го имаме,“ порачува Вест.
На сличен став е и Канадската асоцијација за граѓански слободи, според кои не се исполнети стандардите за активирање на Законот, кој е предвиден за справување со „суверенитет, безбедност и територијален интегритет“.
Дел од премиерите на канадските провинции, конкретно Џејсон Кинли, премиерот на Алберта, каде се случува една од блокадите на границата со САД, изјави дека тој не верува дека повикувањето на овој закон е неопходно во неговата провинција.
Кинли стравува дека воведувањето на законот само ќе го распали бунтот и несогласувањето на неговите сограѓани кои се излезени во знак на протест против владините мерки во изминативе две години. Против планот се и премиерите на Квебек, Манитоба и Саскечуван.
Во меѓувреме Онтарио објави дека ќе го забрза планот за укинување на задолжителните сертификати за вакцинација и ограничувањата за капацитет воведени за голем број бизниси, додека Алберта го укина задолжителното носење на маски на училиште.