Информацијата за американските притисоци доаѓа од истрагата на канадската влада дали Трудо имал право да се повика на вонредните овластувања и како ги искористил.
Пред Трудо да сведочи во петок, веќе сведочеше канадската министерка за финансии, Кристија Фриленд, дека во тоа време разговарала со највисокиот економски советник на Бајден, Брајан Дис, кој бил загрижен дека блокадата ќе ги чини двете држави околу 2,9 милијарди долари во загубена трговија и дека Американците се „многу, многу, многу загрижени“.
Еден ден по разговорот меѓу Фриленд и Дис бил организиран телефонски разговор меѓу Бајден и Трудо, на кој „на канадскиот премиер му бил даден план за растурање на конвојот“.
Три дена по телефонскиот разговор со Бајден, Трудо го активирал Законот за вонредни состојби, кој ретко кога бил искористен во историјата на Канада, за ставање крај на протестите. Законот е искористен за замрзнување на банкарските сметки на учесниците, забрана за патување и учество на протестите и присилно отстранување на блокадата. Трудо имаше право да ја повика и војската за расчистување на конвојот што ја блокираше Канада, но тоа не беше искористено.
Канадската Асоцијација за граѓански слободи обвинува дека Владата не ги исполнила стандардите за повикување на вонредните мерки, кои се наменети за справување со закани за „суверенитетот, безбедноста и територијалниот интегритет“.