За да ја обележат годишнината од Портокаловата револуција, во понеделникот неколку илјади луѓе се собраа во центарот на Киев, придружени со сериозно присуство на единици од полицијата и војската.
Околу 14 часот, 500 припадници на радикално десничарскиот Азов баталјон, започнаа марш прво до седиштето на претседателската администрација во градот, а од таму до канцеларијата на Јавниот обвинител. Кај овој вториот тие поставија надгробна плоча со имињата на "Луѓето кои беа закопани за каузата Мајдан".
Како што претходно очекуваше полицијата, со одминување на денот демонстрантите почнаа да палат гуми, а членовите на радикалниот Десен сектор ја искршија и канцеларијата на олигархот Виктор Медвечук, затоа што "тој е еден од предавниците на Украина, тој живее во Москва, работи за Путин, па треба да го казниме."
"Украинците веќе немаат толеранција за богати хипокрити. Ова е земја каде, според последните анкети спроведени од Институтот за јавни политики, 74,5% од популацијата повеќе се плаши од сиромаштија отколку од што било друго," пишува Ана Немцова за Дејли Бист.
Нејзиниот впечаток е дека Денот на слободата и достоинството (годишнината на протестите на Мајдан) за дел од Украинците изгледа како одлично време за одмазда, "тие се уморни од чекање подобри времиња. Реформите се премногу спори, владата е премногу корумпирана."
"Луѓето сакаат да гледаат успешни приказни, како се спроведуваат нови закони, како се казнуваат криминалци, ама целиот прогрес замрзна, сè ова е само убава фасада - едвај можеме да истуркаме која било наша идеја," изјавува Олена Салата, експертот од една од најнадежните пост-Мајдан групи Пакет реформи за реанимација.
Денешната состојба Немцова ја сумира како "живот во константно пост-травматско пореметување" предизвикано од руското анектирање на Крим, војната во Донбас регионот, економската криза, и милиони Украинци кои живеат под сепаратистичка власт.
За време на маршот на годишнината од протестите на Мајдан, активистите и објаснуваат на Немцова дека тие се таму за да ја потсетат сегашната влада за правилата за време на Револуцијата на достоинството, кога за да добијат зелено светло за која било своја постапка, политичарите морале да бараат дозвола од толпата насобрана на плоштадот.