За рускиот претседател САД постигнале „нула“ во Авганистан, а обидите на американската армија да ги наметне своите вредности во Авганистан биле залудни.
„Американските војници беа присутни на територијата на Авганистан 20 години, и во текот на овие 20 години тие се обидуваа - ова може да се каже без никој да се навреди - да го цивилизираат локалното население и да ги наметнат своите норми и стандарди на живот во најширока смисла на зборот, вклучително и политичка организација на општеството.
Единствениот резултат од ова се трагедии и загуби за оние што го правеа тоа - за Соединетите држави - и посебно за луѓето што живеат на територијата на Авганистан. Резултатот е нула, ако не и негативен.
Невозможно е ништо да се наметне од надвор,“ изјавил Путин.
Путин и претходно ја критикуваше политиката на САД во Авганистан, и одделно и како дел од обидите на САД да ги наметнат своите вредности на не-западни држави. Тој минатата недела порача дека Москва нема да се меша во Авганистан и дека ја имаат научено лекцијата од советската окупација на земјата.
Рускиот претседател посебно го критикуваше сместувањето на авганистански бегалци низ централно-азиските држави, стравувајќи дека на тој начин радикалниот ислам ќе се прелие во нациите инаку блиски на Русија.
Неодамна руски функционер отфрли какви било обиди за спротивставување на Талибанците, објаснувајќи дека не постои никаква алтернатива на организацијата.