Те нема како италијанска полиција

Рим очекуваше околу 600.000 луѓе да ја дочекаат Нова година на улиците низ градот. Рим не очекуваше 83,5% од полицајците што требало да работат, вечерта да земат боледување.

Ла Република пишува дека од 1.000 полицајци кои требало вечерта да се грижат за безбедноста, околу 835 не се појавиле на работа заради тоа што донирале крв (и добиле слободен ден) или одеднаш биле спречени заради физички проблеми.

Министерката  за јавна служба изјави дека ќе се поведе дисциплинска постапка против сите полицајци кои не дошле на работа, а градоначалникот на Рим ги обвини дека сакале да ја уништат прославата за Нова година (ама не им успеало).

На сето ова му претходи неколкумесечна расправија со Владата околу платите и работните услови. Во своја одбрана полицајците објаснуваат дека на римската полиција сериозно и недостасуваат луѓе. По нивни бројки моментално рим има 5.900 полицајци, а му требаат 9.400, "со овие бројки ние повеќе не можеме да обезбедуваме 24-часовна служба, седум дена во неделата."

 

3 јануари 2015 - 13:37