
Њу Делхи тврди дека истрелал проектили врз девет локации на милитанти, кои наводно планирале и координирале терористички напади врз Индија. Воените акции се опишани како „прецизни и одмерени“, за да се спречи понатамошна ескалација на конфликтот. Загинале 26 луѓе.
Пакистан решително отфрла одговорност за каков било напад во Кашмир и најави одмазда за „неиспровоциран акт на агресија“. Одбраната веќе соборила пет индиски авиони.
Ова не се прва ерупција на тензии помеѓу соседите на индискиот потконтинент. Индија и Пакистан војувале барем еднаш во секоја деценија од нивното основање. Токму поради Кашмир, планински регион сместен меѓу Индија, Пакистан и Кина, со 12,3 милиони жители и површина од 180.000 километри (седум пати пати поголема од Македонија).
Првпат заискри во 1947 година, кога Британците ја поделија колонијата на две земји. Онаа со хиндуско мнозинство го задржа името Индија, а онаа со мнозинско муслиманско население стана Пакистан. Кашмир во овој контекст, се најде меѓу чекан и наковална. Муслиманите сочинуваат 68,8 отсто од населението, а Хиндусите 28,8%.
Првата војна во 1947 година ја водеа за присвојување на Кашмир. Примирјето беше потпишано во 1949 година, кога тогаш Обединетите нации ги разграничи со Линија на контрола. Нови судири имаше и во 1965, а и во седумдесетите години. Како „долгорочно“ територијално решение Источен Пакистан се издвои во посебна држава Бангладеш.
По десетина години мир, во 1987 поради оспорување на локални избори муслимански групи од Кашмир со логистичка помош од Пакистан преминаа кон тероризам, со што почна десетгодишен период на киднапирања, бомбашки напади и јавни егзекуции на политичари.
Со новиот милениум настапи затишје, но Кашмир остана една од најмилитаризираните зони во светот. Последниот воен судир Индија и Пакистан го имаа во 2019 година, кога загинаа најмалку 40 индиски војници. Поводот за таа војна беше промената на статусот на Кашмир.
Нарендра Моди дојде на челото на Индија благодарение на предизборните ветувања дека ќе го укине специјалниот статус што го имаа муслиманите во Индија. Го укина Членот од Уставот што на Кашмир му гарантираше автономија, посебен Устав, знаме и законодавство. Тој судир се смири многу брзо. Ситуацијата е значително посериозна денес, кога има помалку рационални актери од кога било досега.
И двете земји имаат приближно еднаков нуклеарен арсенал – Индија помеѓу 130 и 172 атомски бојни глави, а Пакистан 170. Индија е четвртата по големина воена сила во светот со 1,46 милион активни војници (Пакистан има 654.000) и со десет пати поголем воен буџет од 81 наспроти 8 милијарди долари. Тоа ѝ дава предност во повеќе тенкови, оклопни возила и артилерија. Одбранбените адути на Пакистан се поквалитетните системи и повеќецевните ракетни лансери, што му даваат тактичка предност и мобилност.
И двете земји имаат моќни сојузници, но засега Индија и Пакистан војуваат сами. Кина, која му е близок сојузник на Пакистан, е оптоварена со последиците од трговската војна со САД, а Русија, која ѝ е стратешки партнер на Индија и најголем снабдувач со оружје, веќе води своја војна и малку е веројатно дека директно ќе се вмеша во туѓ конфликт.