Професорот Алан Скед објаснува дека има две големи заблуди околу приклучувањето на Британија во ЕУ (во тоа време ЕЕЗ), првата е дека земјата имала економски проблеми па Европската економска заедница го помага ревитализирање на економијата, а втората е дека по Втората светска војна Британија морала да го смени својот имиџ од империјална сила, во центар на Европа.
Првото не е точно бидејќи во 60-те и 70-те, ЕЕЗ не е во можност да ревитализира која било економија, и најголемиот дел од своите и онака јадни ресурси ги троши на земјоделство и риболов, и нема никакви можности или политики за генерирање на економски раст. Кога во Европа се случува раст, тој не доаѓа од ЕУ, туку е резултат на реформите што секоја одделна држава ги воведува. Освен тоа, кога Британија влегува во ЕЕЗ, нејзиниот годишен раст изнесува рекордни 7,4%.
Во однос на вториот аргумент, гледано од тогашна перспектива, Британија треба да им го сврти грбот на сојузниците на Комонвелтот од Втората светска војна, за да се приклучи на дружината од Белгија, Холандија, Луксембург, Франција, Германија и Италија. Четири од овие земји немаат никаква меѓународна тежина. Германија е поделена и окупирана, а Франција изгуби една колонијална војна во Виетнам и друга во Алжир. Де Гол доаѓа на власт за да ја спаси земјата од граѓанска војна.
"Самиот Де Гол, инаку врвен реалист, истакнува дека Британија има силни демократски политички институции, трговски врски со светот, евтина храна од Комонвелтот и е глобална сила. Зошто таа би сакала да се приклучи кон ЕЕЗ?
Одговорот е дека Харолд Мекмилан и неговите најблиски соработници се дел од интелектуалната традиција која го гледа спасот на светот во некој вид на светска влада базирана на локални федерации. Тој исто така е близок познаник на Жан Моне, кој верува во истото. И токму Мекмилан е оној кој стана претставник на европското федералистичко движење во британскиот кабинет," пишува Алан Скед.
Тој наведува уште неколку ставки од про-ЕУ портфолиото на Мекмилан. Во својот говор во Долниот дом на парламентот, Мекмилан ја предлага Европската заедница за јаглен и челик пред таа воопшто да биде најавена. Скед му забележува на Мекмилан дека смислено ги лаже членовите на Долниот дом на Парламентот дека со ЕЕЗ е во неважни комерцијални преговори.
По ова, уште неколку наследници на Мекмилан, заедно со акцискиот комитет на Моне, работат на внесување на Британија во Заедницата на мала врата.
Токму овој комитет добива финансирање од ЦИА и Стејт департманот на САД, кои "сега се посветени на воспоставување на федерални Соединети Држави на Европа."
"И денес е истото. Моќни меѓународни лобија се обидуваат да докажат дека какво било враќање на самовладеењето на Британија ќе значи пропаст. Американските функционери исто така побрзаа да кажат дека ваква Британија ќе биде исклучена од какви било договори за слободна трговија со САД и дека на светот му е потребен ТТИП трговскиот договор, кој се заснова на постоењето на ЕУ," пишува Скед.
Алан Скед е професор по меѓународна историја на Лондонската школа за економија и основач на десничарската евроскептична партија - УКИП.