Сите конзулати шпионираат, кинеските прават многу повеќе од тоа

Иако преќутно е прифатено дека дипломатските претставништва на која било држава ќе служат за шпионирање во корист на таа држава, сепак ваквото дипломатско џентлменство има одредени граници до каде може да оди.

Затворањето на кинеската амбасада во Хјустон е само последната епизода од дипломатско-економскиот судир Трамп (САД) вс. Кина. На ова Кина возврати во идентична мерка, со затворање на американскиот конзулат во 16 милионскиот Ченгду.

И двете се затворени по основа дека претерале со шпионирање, меѓутоа и за двете е карактеристично што баш и не се толку важни за разузнавачкиот систем на двете држави. Кинескиот конзулат во Хјустон не е ни приближно активен како што го обвинуваат, а американскиот во Ченгду главно служи за издавање визи за жителите од внатрешноста на Кина.

Иако Хјустон беше затворен со цел „да се заштити американската интелектуална сопственост и американските приватни информации“, процената на американските разузнавачи е дека „кинескиот конзулат во Сан Франциско е главната награда, но САД него нема да го затвори“. Па затоа ваквата одлука на Трамп се толкува како американско предупредување до Кинезите да олабават со своите шпионски активности, а притоа да не се ескалира целата работа со затворање на конзулатите во Сан Франциско или Њујорк.

„Претерувањето“ на Кинезите главно се однесува на тоа што освен шпионирањето Американци и крадење индустриски тајни, нивните дипломатски претставништва служат и за следење на сопствените граѓани во САД, главно студенти, и нивно „насочување и организирање“. Оваа организирање се однесува на нивно излегување на улица, без разлика дали за да покажат колку поддржуваат некоја кинеска делегација или функционер во посета на САД, или колку се против некоја американска одлука на тема Тајван или Хонгконг.

Во следењето посебно внимание се посветува на Ујгурите присутни во САД, кои според протечени документи на кинеската влада, се следени од конзуларните претставништва и по потреба вратени назад во Кина (главно на фора - истечен пасош кој мора да се обнови во Кина).

28 јули 2020 - 13:15