Официјалната верзија до која се држи кинеската влада е дека првиот случај на ковид-19 е од 17 ноември 2019, иако првите пријавени случаи се од јануари 2020.
Извештајот е од републиканците од Комисијата за надворешна политика на Претставничкиот дом на САД, кои со 84 страници го дополнуваат својот претходен извештај за потеклото на ковид-19.
Како аргументи за своето тврдење тие наведуваат дека Вухан институтот за вирологија на 12 септември 2019 ја брише од својот сајт главната датабаза на вируси во која се евидентирани сите примероци. Плус, тие наведуваат сведоштва на повеќе спортисти што учествуваат на Светските војнички игри во Вухан во октомври 2019, кои пријавиле симптоми налик ковид. Комитетот ги споменува и комерцијално достапните сателитски снимки кои покажуваат значителна активност во шесте болници во Вухан кои се најблиску до Институтот во периодот септември и октомври 2019.
Комисијата наоѓа и архивирана верзија на тендер за новиот проект за обезбедување на Институтот објавен на 12 септември, истиот ден кога базата со вируси мистериозно ја снемува од сајтот. Четири дена подоцна Институтот објавува тендер за комплетно реновирање на неговиот систем за ладење и греење, во вредност од 606 милиони долари. И двата тендери подоцна се отстранети од сајтот на кинеското министерство за финансии.
„Врз основа на материјалот собран и анализиран од персоналот на комисијата, доказите претежно наведуваат на тоа дека САРС-КоВ-2 ненамерно протекол од лабораторија на Вухан институтот за вирологија во некое време пред 12 септември 2019,“ се наведува во извештајот.
Слична процена пред неколку месеци даде и Роберт Редфилд, човекот што управуваше со американското ЦДЦ на почетокот од пандемијата:
„Ако треба да погодувам, вирусот почна да се шири некаде во септември, октомври во Вухан.“
Извештајот детално ги обработува документираните експерименти на Институтот со модификување на коронавируси од лилјаци, и ги обвинува американските научници кои намерно работат на помагање на кинеската влада во покривањето на целиот скандал, преку заканување на други научници кои сакаат да ја изучуваат хипотезата за протекување на вирусот и лажење на светот околу работата што американските научници ја вршеле во и со Вухан институтот за вирологија.
Во извештај посебно се издвојува Питер Дасзак, првиот човек на непрофитната организација финансирана од американската влада ЕкоХелт алијанса, кој доделува неколку грантови на Институтот во Вухан и со години директно работи со нивниот главен тим за коронавируси од лилјаци, предвоен од Ши Женгли. Дасзак е клучен и во организирањето на писмото објавено во Лансет во февруари 2020 во кое се „осудуваат сите теории на заговор што тврдат дека ковид-19 нема природно потекло“, и цело ова време конзистентно го брани Институтот во Вухан.
„Откривме силни докази кои покажуваат дека Питер Дасзак е јавното лице на кампањата за дезинформирање на Кинеската комунистичка партија создадена со цел да се потисне јавната дебата околу потенцијалното протекување на вирусот од лабораторија,“ се тврди во извештајот, кој наведува неколку мејлови меѓу Дасзак и другите научници кои биле дел од неговите напори за изменување на наративот.
Дасзак беше и единствениот Американец во тимот на СЗО кој на почетокот од годинава изврши инспекција во Кина за потеклото на ковид-19, чиј заклучок беше дека е „екстремно неверојатно“ дека вирусот протекол од лабораторија. Подоцна и директорот на СЗО призна дека тимот не ја истражил соодветно веројатноста за протекување на вирусот од лабораторија.
Комисијата сега бара Дасзак да сведочи пред Конгресот, а ЕкоХелт алијансата да му ги предаде на Конгресот сите свои релевантни документи од соработката со Вухан.
Процената е дека иако извештајот на комисијата не е финалниот доказ кој ќе ја разреши дебатата околу ковид-19, тој претставува уверлив аргумент дека теоријата за протекување на ковид-19 од лабораторија треба темелно да се истражи, „со или без дозвола на кинеската влада“.