Сирија ги има сите елементи од кои започнуваа светски војни

„Во првата сериозна исток-запад криза после Студената војна, доведени сме во ситуација да се надеваме во руската, а не во американската трпеливост и разум. Тоа е морничава перпектива“, пишува колумнист на Гардијан.

Немам сретнато експерт за Сирија кој би објаснил како ракетирањето на оваа земја ќе го унапреди мирот и ќе води кон повлекување на Асад. Тоа само ќе уништува згради и ќе убива луѓе. Воинствените повици се чист популизам, инициран од сè полудите твитови на Трамп (последниот “Нашата реакција ќе дојде многу брзо или нема да дојде воопшто многу брзо“). Да не даде Господ Британија да зависи од неговите зборови, пишува Сајмон Џенкинс. 

Колумнистот проценува дека актуелното сириско раководство треба да биде казнето по завршувањето на војната. А сегашен напад на САД и членки на ЕУ врз Сирија само ќе го одложи крајот на војната и во суштина ќе значи нова мизерија за тамошниот народ.

Сирија е тло на вековни клановски борби по верска и етничка линија. Асад успеа да ги повика Русија и Сирија на помош. Бунтовниците се потпираат на моралната и материјална помош од Запад. Британија нема свои играчи на терен. Ситуацијата е толку комплицирана што секоја дополнителна интервенција би била лудачка, смета тој.

Тереза Меј убедува дека ѝ е доволна дозвола од својот кабинет (која веќе ја доби), за да започне војна, нешто на што се потпирале старите монарси во случаи на непосредна опасност за националната безбедност. Но Велика Британија во моментов не е загрозена. Одлуката не е воена туку надворешно-политичка.

„Се чини дека Меј е заробена од Вашингтон исто како што беше заробен Тони Блер во 2003“, пишува Џенкинс.

Тој потсетува дека дури и Блер своевремено бараше одобрување од парламентот за напад врз Ирак. Барањето му се темелеше на лага и беше срамота што му беше одобрено. Но, и Дејвид Камерон во 2013 побара дозвола за војна во Сирија па не ја доби. Формално Меј може да трне во таква опасна авантура но тоа ќе го стори во ситуација кога едвај 22% од британските граѓани поддржуваат таква акција а 43% се против.

„Никогаш не постоело свесно започнување на Светска војна“, пишуваше историчарот АЈП Тејлор. „Државниците ги преценуваат и стануваат заробеници на своите армии и оружја. Нивните големи армии, акумулирани да го чуваат мирот, со самата своја тежина ги носат нациите во војна“.

 

13 април 2018 - 09:19