Ал-Макдис е формирана во периодот на Арапската пролет и во изминатите две години е одговорна за смртта на стотици египетски војници. Освен нив, до сега заклетва пред ИСИС дадоа екстремните милитанти кои го контролираат либискиот град Дерна, а на почетокот од годината и Абу Сајаф од Филипините и Џама Анашарут Таухид од Индонезија ја дадоа својата поддршка. Во ИСИС пребегнаа и две групи на борци кои до пред некое време беа најмоќните келии на ал-Каеда во Јемен и Северна Африка.
ИСИС од сите овие групи, освен бројноста, добива и пристап до територии кои се далеку од самопрогласениот калифат. Неделава, три млади активисти беа обезглавени во либискиот град Дерна.
Освен тоа што добиваат мир и го затвораат фронтот со моментално најголемиот во нивниот бизнис, најголема корист на групите кои се приклучуваат кон ИСИС е финансиската поддршка што ја добиваат од организацијата, која веќе и онака е преплавена со пари.
Во рамките на нивниот еснаф, главна штета од заклетвите пред ИСИС има глобалното џихадистичко движење, поточно организациите кои оперираат надвор од сегашниот калифат - Талибанците и ал-Каеда.
"Од перспектива на Западот, на некој начин ни оди во корист тоа што ИСИС предизвикува дисидентство во постојните џихадистички организации. Она што не сакаме да се случи е ИСИС да го добие натпреварот со ал-Каеда. Не сакаме ИСИС да стане стандардот на глобалниот џихад," објаснува ко-авторот на книгата ISIS: The State of Terror, Ј. М. Бергер.