Што мисли Обама за Путин

"Доктрината Обама" е насловот на темата на месецот во последниот број на магазинот Атлантик. Новинарите на Атлантик разговараат доволно долго со Обама за да не остават речиси ништо непокриено.

Џефри Голдберг во разговорот му објаснува на Обама дека би сакал барем еднаш да види како американскиот претседател му го покажува средниот прст на Путин, бидејќи неговата "неволност да врати на провокациите на американските противници, делува емоционално незадоволувачки..." и дека ова го очекуваат и неговите читатели.

Обама одговара дека му е јасно и комплетно го разбира ова, меѓутоа објаснува дека односот со Путин не му е баш како што тоа го замислува јавноста. (И Голдберг признава дека неговиот впечаток е дека Обама го сметал Путин за гаден, насилен и кус.)

"Вистината е дека Путин на сите наши средби е беспрекорно учтив, и многу искрен. Нашите состаноци многу наликуваат на бизнис состаноци. Никогаш не се случило да ме остави да чекам два часа како што тоа им го прави на други," изјавил Обама.

Објаснувајќи дека Путин верува дека неговиот однос со САД е далеку поважен отколку што мислат Американците, Обама објаснува дека "Путин постојано е заинтересиран да го перципираат за наш близок соработник, бидејќи тој не е комплетно глуп. Тој разбира дека севкупната позиција на Русија во светот е значително нарушена. А фактот што тој го освојува Крим или се обидува да го среди Асад, одеднаш не го направи некој голем играч. Ти не го гледаш него на која било средба како учествува во формирање на агендата. Всушност, нема ниту еден Г20 состанок на кој Русите ја поставуваат агендата за кое било прашање што е важно."

За константите критики кон Обама дека како излегол слабак во однос на Путин и дека бил надмудрен, конкретно околу инвазијата на Крим и акцијата во Сирија, американскиот претседател одговара:

"Теоријава толку лесно се отфрла што секогаш ме чуди како можат луѓето да го имаат тој аргумент. Не верувам дека кој било мисли дека Џорџ Буш беше претерано рационален и претпазлив при неговото користење на воена сила. Колку што се сеќавам, бидејќи очигледно никој во градов не се сеќава, Путин влезе во Грузија додека Буш беше на стража, директен удар додека ние распоредуваме 100.000 луѓе во Ирак.

Интервенцијата на Путин во Украина беше одговор на ризикот уште една држава клиент да му излезе од контрола. И тој импровизираше начин како таму да ја задржи контролата.

Истото го прави и во Сирија, по огромен ризик за добробитот на сопствената држава. Перцепцијата дека Русија сега некако е во подобра позиција во Сирија или Украина, отколку што беа пред инвазијата во Украина и пред распоредувањето на сопствени воени сили во Сирија, претставува фундаментално неразбирање на природата на моќта во меѓународните односи и општо во светот. Вистинска моќ значи да го добиеш тоа што го сакаш без користење насилство. Русија беше многу помоќна кога Украина изгледаше како независна држава, всушност беше клептократија во која тој ги имаше конците во свои раце.

Факт е дека Украина, која не е членка на НАТО, секогаш ќе биде ранлива на руска доминација без разлика што направиме."

Околу сите предизвици за САД што доаѓаат од Русија, конечниот одговор на Обама е: "Ако има некој во градов што смета дека треба да разгледуваме почнување војна со Русија околу Крим и источна Украина, тогаш тој треба да го каже тоа и да биде јасен. Помислата дека зборувањето за тоа или започнувањето на некаква воена акција која се однесува на таа конкретна област, некако ќе влијае на руското или кинеското носење одлуки е спротивна на сите докази што сме ги имале во последните 50 години."

Доктрината Обама, тука

11 март 2016 - 16:34