Украинците обвинуваат дека пред руска крстосувачка ракета да заврши во некоја украинска цел, сателит го надлетува местото и го фотографира. По лансирањето и направената штета, се случува друг сателит да се врати и да направи нова фотографија.
Како пример тие го наведуваат градот Миргород, град во кој нема ништо посебно интересно освен аеродромот. Во неделата пред 2 април 2022, најмалку осум пати американски компании бараат снимки од аеродромот во околината на градот. На 2 април тој е погоден од руски ракети. Во неделата потоа, некој повторно има нарачано снимки од местото.
Според нив, ова е само една од стотици вакви коинциденции, порачувајќи дека постојано ги следат надлетувањата на руски сателити, но не се надевале дека ќе треба да се пазат и од сојузничките.
Бидејќи руските сателитски капацитети се ограничени, претпоставката е дека Русија преку трети фирми ги набавува материјалите од комерцијални компании што продаваат сателитски снимки.
На страна бесплатните сателитски фотографии како оние од Гугл мапс / ерт, компании нудат „тазе“ слики со висока резолуција од каде било во светот. Фотографија од овие сервиси чини околу 1-2 илјади долари и се добива во рок од неколку часови, а за доплата сателитот може и побрзо да се испрати на дестинацијата. За нешто помалку пари можат да се нарачаат и архивски слики од Украина од пред војната, вклучително и од локации на украинските вооружени сили.
Ако се земе предвид дека една крстосувачка ракета чини 1 милион долари, инвестицијата од неколку илјади долари пред нејзиното лансирање е сосема исплатлива, посебно ако ја зголемува разорноста и бројот на жртви што може да го предизвика. Како што објаснува Атлантик, слика од полн или празен паркинг до воена касарна покажува дали во неа има или нема персонал.
Двете најголеми американски компании за комерцијална продажба на сателитски снимки, Максар и Планет, тврдат дека внимателно ги проверуваат своите купувачи и дека ги почитуваат американските санкции против Русија, меѓутоа не наведуваат случаи кога се посомневале дека некоја нарачка била направена за потребите на Русија, ниту пак објаснуваат како се осигуруваат дека купувачот не е компанија која работи за Русија.