Веднаш по нападите Зеленски од Западот побара итна испорака на најмодерните против-воздушни системи. Меѓутоа дури и НАСАМС ракетите кои беа претходно ветени нема да се појават во Украина уште неколку месеци, додека за новите уште нема ни општа временска рамка.
Ракетирањето делумно го размрда Западот па на Украина инстантно и беше ветено ново наоружување. Пример Германија ги испрати долгоочекуваните Ирис-Т земја-воздух наведувани ракети, со домет од 40 километри. Меѓутоа процената е дека на Украина и требаат значително повеќе против-воздушни системи за да ги заштити своите цивилни и воени мети.
Киев веќе има добиено советски С-300 земја-воздух одбранбени системи од Словачка, Стингер проектили од САД и Старстрик земја воздух од Британија.
„Но она што Зеленски вистински го сака се НАСАМС (National Advanced Surface-to-Air Missile System), високо напреден систем со домет од 50 километри,“ пишува Џорџ Грилс во текстот за британски Тајмс.
Оваа желба на Зеленски Бајден и претходно изјави дека ќе ја исполни ветувајќи му 8 примероци. Проблем е што нивната испорака нема да се случи барем уште неколку месеци, без разлика колку тие ќе завршат работа во неутрализирање на руските ракетни напади.
Забелешката на западните експерти е дека иако НАСАМС на Запад се користат за одбрана на градови, тие нема да бидат од голема помош за цела Украина заради огромната површина на земјата. Како споредба се дава Израел кој е далеку помал, што му дозволува да го заштити секое парче од својата територија со против-воздушна одбрана.
„Украина е најголемата земја во Европа. Немаш како таму сè да покриеш со одбрана, па затоа е прашање каде ќе се приоретизираат тие ресурси што ги има и против кои закани,“ објаснува Џастин Бронк од Институтот Обединети кралски служби.
Освен одбраната на Украина и е неопходно да го задржи и залетот што ги има во контраофанзивата, за што им е неопходна артилериска супериорност. Бајден најави испорака на уште 18 ХИМАРС-и, наведувани ракети со максимален дострел од 80 километри, кои во комбинација со М777 хаубиците беа крајно успешни во постигнување надмоќност на фронтот. Проблемот за Русите е што нивниот БМ-30 Смерч има дострел од неполни 70 километри.
Киев продолжува да инсистира дека треба да му бидат испорачани западни тенкови кои значително ќе го забрзаат повлекувањето на Русите. До сега Украина има повеќе запленето тенкови од Русија отколку што има добиено од Западот.
Во идеални услови Украина би сакала да добие и неколку АТМС (Army Tactical Missile System), мобилните ракетни системи со домет од 300 километри, кои можат да носат два пати повеќе експлозив од сегашните најголеми капацитети на Киев.
Последните паѓаат во групата „забранети“ оружја, кои Западот ги има на располагање но не ги испорачува од страв дека заради нивниот домет би можеле да бидат искористени за гаѓање цели на руска територија што би довело до ескалација на војната.