
Масовната роботизација на производството ѝ дава капацитет на Кина да ја задржи ниска цената на производите, наспроти високите тарифи за увоз што ги наметна претседателот Доналд Трамп, но и новите трговски бариери од Европската Унија, па и од земјите во подем - од Бразил и Индија до Турција и Тајланд.
Фабриките во Кина денес се поавтоматизирани отколку во САД, Германија или Јапонија. Според Меѓународната федерација за роботика, повеќе фабрички роботи на секои 10.000 работници имаат само Јужна Кореја или Сингапур.
Кога „Фолксваген“ лани отвори фабрика за електрични автомобили во Хефеи, во неа имаше само еден робот од Германија и 1.074 произведени во Шангај. Фабриките за автомобили во САД исто така се автоматизирани, но поголем дел од опремата доаѓа од Кина.
Во работилницата на Илон Ли во Гуангџу 11 работници сечат и заваруваат метал за ефтини печки и опрема за скара. Роботска рака од 40.000 долари со камера и вештачка интелигенција ќе следи како човек ги заварува плочите, ќе учи и ќе му ја преземе работата со двојно поголема продуктивност. Пред само четири години таков систем бил достапен од странски компании и чинел речиси 140.000 долари.
Човек може да работи само по 8 часа на ден, а машината може 24/7, вели Ли.
Дури и со автоматизација работниците сепак се неопходни за да се провери квалитетот и да се инсталираат делови за кои е потребна искусна рака. Вештачката интелигенција се користи и за дизајнирање делови и проверка на карактеристики на компоненти.
Автоматизацијата е спроведена со политичка директива од владата и со огромни инвестиции. Премиерот Ли Кечијанг најави „енергично развивање“ на интелигентни роботи. Во националниот фонд за ризичен капитал се издвоени 137 милијарди долари за роботика, вештачка интелигенција и други напредни технологии. Државните банки во изминатите четири години дале кредити од 1.900 милијарди долари за изградба на нови фабрики и обнова на опрема.
Од универзитетите секоја година излегуваат по околу 350.000 дипломирани машински инженери, како и електричари, заварувачи и други висококвалификувани техничари. За споредба, на американските универзитети дипломираат околу 45.000 машински инженери годишно.
Факторот зад автоматизацијата на Кина е демографската криза. Бројот на новороденчиња се намали за речиси две третини од 1987 година. Се намалува бројот на жители на работоспособна возраст.
Тие сега се во демографски дефицит, а единствениот излез од тоа е продуктивноста, вели Стивен Даер од консултантската фирма AlixPartners.
******