Робокап 2035 во режија на Европол

Европската полиција разгледува екстремни дистописки сценарија на улични пресметки на луѓе и роботи веќе во следните десет години. Полициските роботи би биле вклучени во патроли за да ги заштитат луѓето од други роботи, управувани од криминалци и терористи. Се предупредува и дека мала промена во кодот на машината може да претвори заштитник во машина за убивање.

Во документот од 48 страници Европол ги скицира ризиците што доаѓаат со автоматизацијата и опишува како спроведувањето на законот ќе треба да се справи со роботите и беспилотните летала.

Како можно сценарио се наведува смирување протест на толпи отпуштени работници против машините што ги замениле на работните места. Или акции за неутрализирање роботи што поради дефект или хакирање ја откажале послушноста. Полицајците би интервенирале со муниција што би го деактивирала електронскиот систем. Се разгледуваат и планови за користење мрежа од ситни гранати за соборување јата дронови насочени кон енергетска или водоводна мрежа. 

Вакви сценарија се сосема возможни во идните десет години, ако продолжи брзиот технолошки развој, се наведува во извештајот.

Како загрижувачко сценарио е наведено и хакирање на роботи во болниците или центри за социјална грижа за возрасни и деца. Машините би можеле да бидат репрограмирани за собирање информации за ранливи потенцијални жртви или за злонамерни или терористички акции. 

Дури и мал дефект кај робот за нега во болниците може да придонесе за штетна терапија или погрешна доза лекови, што го зголемува ризикот за национален скандал, популистички повици за отпор и масовни протести, се наведува во извештајот на Европол.

Голем дел од документот е посветен на ризикот од организирани напади со дронови од терористички групи или непријателски земји. Искуството од војната во Украина покажува дека јато мали беспилотни летала може да уништи електродистрибутивна мрежа или да спроведе акција за ослободување криминалци од затвор. Ваква тактика веќе користат мексиканските наркокартели и исламистички терористички групи. Како противоружје од дронови, полициите во Британија, Белгија, Кина и Австралија веќе се опремени со специјални пушки или ласери за неутрализирање на навигациските системи.

Службите за безбедност се охрабруваат да ја прифатат новата технологија за да стане клучен аспект на операциите за спроведување на законот.

Полицајците и роботите ќе работат рамо до рамо за да одговорат на итни случаи, да спроведуваат претреси и да собираат докази заедно... Службениците со поедноставна одговорност, како улични патроли или контролирање на сообраќајот, може целосно да бидат заменети со машини, се тврди во извештајот.

Приоритет е да се обезбеди дека роботите во никој случај нема да загрозат невин човек. Се потсетува на инцидентот од 2022 година кога механичка рака на робот за шах откажа послушност и му скрши прст на седумгодишно дете.

Ако тоа може да го направи машина програмирана да поместува фигури на табла, што сè може да направи оклопен и вооружен робот програмиран да неутрализира криминалци?

Постојат технички, но и регулаторни бариери овие екстремни сценарија да станат реалност до 2035 година. Не очекувам дека „робокоп“ ќе патролира по нашите улици и ќе се грижи за безбедноста, вели Денис Низгода, директор во компанијата за магацински машини Локус Роботикс.

Тој додава дека роботите би можеле да бидат употребувани во полицијата само за спасувачки операции, за одбрана од дронови или за акции ризични за безбедноста на луѓето.

Човечката команда ќе остане последна, но можна е војна на беспилотни летала меѓу криминалните банди и полицајците затоа што дроновите се евтини и лесно се злоупотребуваат, вели Низгода.

12 декември 2025 - 12:24