За општа пристојност во градот туристи повеќе нема да може да скокаат во фонтаните, и мажите нема да може да се шетаат топлес. А има и финеси како забрането тегнење куфери на тркалца или колички за бебиња по историските знаменитости како Шпанските скали, или забрането пиење вода директно од славините од фонтаните во Рим.
Повеќе нема да се толерира ни одење и јадење, затоа што мермерните споменици и плочници повеќе не можат да трпат кечап и моцарела. Во иднина предвидена е и изричита казна за сите оние што ставаат катанци по мостови како белег на нивната љубов.
Меѓу мерките има и по нешто за локалците, кои веќе нема да смеат да се облекуваат како римски легионери и да рекетираат туристи со фотографии пред Колосеумот и слични локации. Исто така се укинуваат и чекачите, кои го продаваа своето место во редот за влез во некоја од римските знаменитости.
Се забранува и свирење и пеење во јавниот транспорт, мерка која е насочена кон римските Роми кои пеат за пари во трамваите и возовите.
Едно од правилата кое се очекува дека најмногу ќе ги погоди Римјаните, е забраната за бесење алишта за сушење на жици пуштени од една до друга зграда.