Во пост на затворената дискусија на Лабораторијата за вештачка интелигенција на МИТ, Сталман пред некој ден напиша дека малолетните жртви на Епстин биле „комплетно волни“ и дека треба да се избегнува користењето на зборот „сексуален напад“ и „силување“.
Тој конкретно е вознемирен што обвиненијата паѓаат на Марвин Мински еден од светските пионери во вештачка интелигенција и еден од основачите на МИТ Медиа Лаб. Мински инаку е наведен меѓу луѓето во документите на Епстин, „кој наводно присилиле млада девојка да има секс со нив“.
Обидот на Сталман да го амнестира Мински со објаснувањето за „комплетно волни“ девојки, е начекано на волеј од останатите учесници во дискусијата (.pdf) кои му објаснуваат дека самиот факт што девојката, Вирџинија Гуфре, во тоа време има 17 години, значи дека се работи за силување, бидејќи според закон, секој вид на секс со малолетно лице, без разлика дали е консензуален или не, се смета за силување.
Сталман не потклекнувајќи пред ваквите објаснувања и логиката на законот, продолжува уште подлабоко да се заглавува, па на фактот дека секс со 17-годшна девојка е силување според законите на Девствените острови, одговора со:
„Дали стварно е? Мислам дека е морално апсурдно ’силување’ да се дефинира на начин кој зависи од минорни детали како тоа во која држава била жртвата и дали жртвата имала 18 години или 17.
Мислам дека постоењето на ова недоразбирање ја поддржува мојата поента дека терминот ’сексуален напад’ не е фиксен, заради што ни се потребни поконкретни термини кога обвинуваме некого.“
Што се однесува на отказите, и на двете позиции тие му се инстантни. Инаку Сталман е основач на Фондацијата слободен софтвер.
На Сталман му памтат и постови од пред 15-на години, кога се обидува да одбрани педофилија. Во 2003-та тој пишува дека „секој на 14 години или повеќе треба да има право да учествува во секс... Не е природно за луѓето да се воздржуваат од секс по пубертет, и иако јас не би вршел притисок на никого да проба, секако ги поттикнувам сите да го направат тоа“.
Во 2006 ставот има апгрејд, па Сталман повторно пишува: „Скептичен сум околу тврдењето дека доброволна педофилија е штетна за децата. Аргументите дека таа предизвикува штета изгледа се базирани на случаи во кои таа не е доброволна, кои потоа се преувеличени од родители што се преплашени од замислата дека нивните мали бебиња созреваат“.
Пред некоe време Сталман изјави дека се коригирал околу овие ставови: „Преку лични разговори во изминатите години, успеав да разберам како сексот со деца може психолошки да им наштети. Ова го промени моето мислење околу темата.“