Доналд Трамп говореше за испраќање специјалци или започнување сајбер војна за таргетирање на лидерите на картелите. Републикански конгресмени предложија закон за ангажирање на американската војска за започнување војна против картелите, додека нивни сенатори изјавија дека се отворени за испраќање американски сили во Мексико за лов на нарко-лордовите дури и без дозвола од соседите.
„На нив повеќе треба да гледаме како на ИСИС отколку како на класична мафија,“ изјавил американскиот конгресмен и поранешен припадник на Зелените беретки, Мајк Волц.
Наспроти нив се колеги Републиканци, како поранешниот советник за национална безбедност на Трамп, Џон Болтон, според кој еднострана воена акција нема да го реши проблемот.
„Меѓутоа желноста на некои републиканци отворено да бараат озаконување и искористување на воена сила во Мексико покажува дека идејата добива се подлабоки корења во партијата.
И таа ги покажува начините на кои фрустрацијата со миграцијата, смртните случаи од предозирање и антипатијата кон Кина ја дефинираат поголемата надворешна политика на Републиканската партија,“ пишува магазинот Политико.
Од 2021 речиси 71.000 Американци имаат починато од предозирање од фентанил, што Политико го споредува со бројот на загинати американски војници во Виетнам, 58.220. Американска ДЕА проценува дека најголемиот дел од фентанилот што се продава во САД е дистрибуиран од два мексикански картели.
Во меѓувреме Демократите најдиректно ги отфрлија републиканските предлози, како предлогот за започнување на инвазија, така и помалку агресивниот предлог картелите да добијат етикета на терористички организации. Првото е одбиено затоа што Белата куќа нема намера да започне воена операција во Мексико, а второто затоа што ставањето на етикета терористички нема „да и даде никакви дополнителни овластувања на власта што веќе ги нема.“
Против инвазијата на Мексико е и првиот човек на американските вооружени сили, генерал Марк Мајли, кој не препорачува да се направи што било без поддршка од Мексико.
Според министерот за одбрана од времето на Трамп, Марк Еспер, поранешниот претседател се заинтересирал за ракетирање на нарко-лабораториите на мексиканска територија, но се откажал од планот заради стравот од правни последици и дека бомбардирањето би можело да го зголеми приливот на бегалци во САД.
Меѓутоа во случај на втор мандат многу е веројатно дека Трамп ќе се врати на плановите околу пресметка со нарко-картелите на мексиканска територија, за што во неколку наврати дава различни сценарија, од испраќање специјалци за елиминирање на раководството на картелите, до уништување на инфраструктурата и сајбер војна.
Претседателот на Мексико отворено е против какво било американско воено инволвирање во борбата против картелите на мексиканска територија.
Згора на ова е и американскиот страв кој отприлика гласи „ако мислиш дека во Ирак беше лошо, чекај да видиш што ќе се случи ако извршиме инвазија на нашата граница... нашите внуци уште ќе го решаваат ова.“