Откако Еверест прв пат беше освоен во 1953-та, илјадници планинари кои го искачија, зад себе оставија празни боци за кислород, јажиња, шатори и друга опрема која им требала по пат.
Во годинешната мисија на ЕЕЕ (Eco Everest Expedition) ќе учествуваат 16 планинари од 7 држави. Од кога во 2008-ма започнаа еко-експедициите, од планината се собрани вкупно 13 тони ѓубре.
По сите норми, членовите ќе постават четири кампови, кои ќе треба неколку пати да ги искачат за да се навикнат на висината и да го научат патот. Планинарите и Шерпасите ќе носат храна и опрема до третиот камп на висина од 7.200 метри а надолу се симнуваат со празни ранци.
Тие ќе имаат и вреќи од крут најлон со носивост од 10 до 12 килограми, кои треба да ги наполнат со стари шатори, шипки за шатор, јажиња и слично ѓубре што стотици планинари го оставиле за себе.
Најголемиот дел од ѓубрето потекнува од 90-те, кога започна бумот со туристичките експедиции. Еверест до сега е искачен над 5.000 пати, од кои 80% се по 2000-та.
"На Еверест по одредена висина целата своја снага ја посветуваш на искачување или безбедно симнување. Комплетно си преокупиран со тоа и ништо друго," објаснува еден од членовите на ЕЕЕ, 68-годишниот Германец Пол Телен.