Отфрлајќи ги обвинувањата по сите основи, и потсетувајќи ги демократите "абе изгубивте и Конгрес и Сенат", Путин порача дека инсистирањето од САД дека Москва им се меша во работите е затоа што Демократите не знаат достоинствено да губат.
"Демократската партија и американската администрација се обидуваат да ги припишат своите неуспеси на надворешни фактори. Тие изгубија секаде, и сега гледаат за тоа да ги обвинат надворешните фактори. Тоа не е многу достоинствено," изјавил претседателот на Русија.
Путин не негира дека серверите на демократите биле хакнати, ама околу тоа се согласува со позицијата на Трамп, дека тоа можел да го направи кој било со лаптоп во кревет.
Околу тврдењето на Барак Обама дека тој лично побарал од Путин да ги прекине хакерските напади, одговорот на рускиот претседател е "никогаш не ги раскажувам моите лични разговори со другите светски лидери." Според него, многу поважно од тоа кој кого хакирал се информациите околу Демократска партија што се појавиле по хакирањето "тие наместо да се извинуваат на своите гласачи, почнаа да викаат околу тоа кој ги организирал нападите".
На коментарот на Обама дека "Реган би се вртел во гроб" кога би дознал дека 37% од републиканските гласачи признале дека се фанови на Путин, претседателот одговори дека тоа е знак дека двете земји се зближиле:
"Ова значи дека голем број од Американците имаат исти ставови околу тоа како светот треба да биде организиран како и ние," дополнувајќи дека "голем број Американци се согласуваат со нашето разбирање на традиционалните вредности."
Зборувајќи за смирување на топката меѓу Русија и САД, Путин беше препрашан околу неговата неодамнешна изјава дека руската армија е посилна "од кој било агресор". Во одговорот тој признава дека САД имаат најсилна армија на светот, дополнувајќи "она што јас го кажав е дека ние сме посилни од кој било - обрнете внимание - агресор". Ваквата позиција Гардијан ја толкува како показател дека Русија повеќе не го гледа САД како агресор.
За останатите теми за кои се зборуваше во 4 часовната сесија:
- Евакуацијата на Алепо: "Моментално ова е најголемата меѓународна хуманитарна мисија. Тоа не може да биде постигнато без активна работа на претседателите на Турција и Иран, и наше активно учество. И секако, исто така, добрата волја и работа што ја заврши сирискиот претседател Асад."
- Соборениот руски воен авион во Турција: "Бев скептичен околу теоријата дека нашиот авион бил соборен без наредба од турското раководство и дека беше извршено од луѓето кои сакаат да ги нарушат руско-турските односи. Ама сега, по нападот врз нашиот амбасадор, почнувам да го менувам мислењето."
- Обвинувањата за државна програма за допингување: "Русија никогаш немала државна програма за допингување или каква било поддршка за допингување. Тоа едноставно е невозможно и ние ќе направиме сè за да се осигуриме дека нема да се случи во иднина."
- Затворањето на украинскиот режисер Олег Селесов под обвинение за тероризам: "Што треба да направиме со режисер за кој на суд е докажано дека планирал терористички напади? Да го пуштиме на слобода само затоа што е филмски режисер?"
- За љубов (одговарајќи на некој глас од присутните кој го запраша: "Може ли да ти поставам прашање за љубовта?"): "Љубовта брзо се претвора во омраза."
Целата прес-конференција: