Најмалку од септември Путин преку посредници испраќа порака дека е отворен за прекин на огнот по кој ќе се задржат тогашните линии на судир, што според Тајмс е далеку помалку од неговата амбиција да ја освои цела Украина.
Весникот тврди дека оваа понуда е иста со онаа од есента 2022, кога Путин сред успешната украинска контраофанзива испратил порака дека е задоволен со територијата што тогаш и е оставена на Русија, главно истата што и денес ја има.
Постојаниот интерес на Путин за прекин на огнот Тајмс го толкува „како пример за опортунизам и импровизација кои го дефинираа неговиот пристап кон војната зад затворени врати.“
„Десетици интервјуа со Руси кои го познаваат долго време и со меѓународни функционери запознаени со внатрешното работење на Кремљ, отсликуваат лидер кој маневрира за да ги намали ризиците и да ги задржи отворени своите опции во војна која трае подолго отколку што тој очекувал. Иако јавно испорачува лута реторика, Путин приватно пренесува желба да прогласи победа во војната и да продолжи понатаму,“ пишува Тајмс.
Иако денес самодовербата на Путин е на највисоко ниво од почетокот на војната, во изминатите 20 месеци тој мина низ срамно повлекување од позициите кои првично ги освои, дури и на чекор од Киев, и обид за пуч од еден од неговите најблиски соработници.
„Тој навистина е подготвен да застане на сегашните позиции.
Но не би се повлекол ни еден метар,“ изјавува за Тајмс поранешен висок руски функционер.
Според соговорниците на Тајмс, процената на Путин е дека актуелните состојби во Украина и светот се наклонети на негова страна и во негова полза: од неуспехот на украинската контраофанзива, падот на западната поддршка и отворање на нов фронт во Газа.
Како што во октомври ќе објасни премиерот на Киргистан, Акилбек Жапаров, веќе и самите Руси, без разлика дали обичен народ или бизнис/политички елити, не се преплашени од војната, па по првичната паника дека војната на Путин е „катастрофа“ сега „тие се навикнаа на нејзе.“
На другата страна, украинските лидери и понатаму држат до ветувањето дека нема да преговараат за отстапување ни на педа украинска територија. Меѓутоа некои од нивните најголеми поддржувачи. пример првиот човек на американските вооружени сили, генерал Марк Мајли, го поттикнува Киев да преговараат бидејќи „Украина на военото поле постигна се што можеше разумно да се очекува од неа.“
Кон крајот на октомври Путин има 90-минутна средба со рускиот либерал Григориј Јавлински, кој се обидува на рускиот претседател подобро да му го претстави обемот на руските жртви во Украина, кој е поголем од бројот на советски жртви во 10-годишната војна во Авганистан.
Јавлински, кој е роден во западна Украина, сака да се позиционира како преговарач меѓу Москва и Киев. Во разговор со Тајмс тој порачува дека „самото тоа што тој е подготвен толку долго да разговора со мене, зборува само за себе.“
Поранешни руски функционери објаснуваат и дека речиси секое примирје во сегашни рамки руската пропаганда ќе може да го спинува како победа, славејќи го копнениот коридор кон Крим, и армија која ја издржала украинската контраофанзива водена со западно оружје.
За западните функционери сигнал од Москва е и тоа што Путин повеќе не бара смена на Зеленски пред почеток на преговори со Украина. Според нив примирјето за кое размислува Путин ја остава суверена Украина со Киев како нејзин главен град, но Русија ја задржува контролата на речиси 20% од украинската територија што ја освои. Процената е и дека за Путин не е црвена линија ни членството на Украина во НАТО, бидејќи се смета дека Алијансата и онака не се очекува да ја прими Украина во догледна иднина.
Во исто време на Западот, и посебно меѓу соседите на Русија, останува стравот дека какво било примирје само ќе му даде време на Путин подобро да се вооружи и да се врати на својата намера за враќање на руската империја.
„Тие никогаш не почитувале каков било договор и секогаш ги прекршувале во моментот кога тоа ќе им одговара,“ е пораката од претседателот на Латвија Едгарс Ринкевичс.