Порачувајќи дека е време младите во земјата да ја преземат власта и да го водат Туркменистан, 64-годишниот претседател побара, а горниот дом на туркменистанскиот парламент со стоечка овација му одобри, предвремени претседателски избори.
Седницата беше на свикана на 11 февруари на три дена пред неговото доаѓање на власт во земјата пред 15 години. Три дена подоцна, на 14-ти, Сердар Бердимухамедов, објави дека има намера да се кандидира на претседателските избори.
Татко му, Бердимухамедов постариот, претходните 3 претседателски избори ги доби со 89,07% од гласовите (2007), 97% (2012) и 97,69% (2017).
Симболиката на 11 февруари е што тогаш беше годишнината откако Сердар беше именуван за прв човек на Врховната комора, член на државниот Совет за безбедност и заменик премиер. Неколку месеци претходно, во септември, Сердар наполни 40 години, минимумот потребен за кандидирање за претседател во Туркменистан.
Седницата на која беа објавени изборите беше свикана на тема „Туркменистан во следните 30 години“. Иако никогаш не спомена дека целосно ќе се повлече од власта, дури и кога зборува за „отворање на патот за младите лидери“, неговата партија за претседателските избори го номинираше Сердар. Технички Бердимухамедов од 2013 не е член на Демократската партија, меѓутоа таа го кандидира на секои избори. Во април минатата година Гурбангули едногласно беше избран и за претседател на Горниот дом на Парламентот (Халк Маслахатја).
Туркменистан официјално има уште две регистрирани партии: Партијата на индустријалци и претприемачи; и Земјоделската партија.
Во извештајот на Фридом Хаус од 2021, Туркменистан имаше резултат 2 од нула до 100. Кај „политички права“ имаше нула.