Потребно е редефинирање на успехот во Украина

Заглавена контраофанзива и бледнеење на поддршката во САД и Европа, се два фактори кои бараат опсежно преиспитување на сегашната стратегија што ја следат Украина и нејзините партнери, порачуваат Ричард Хас и Чарлс Купчан во текстот за Форин афеарс.

„Такво преиспитување открива една непријатна вистина: дека Украина и Западот се на неодржлива траекторија, која се карактеризира со упадливо разидување меѓу достапните средства и целите. Воените цели на Киев, протерување на руските сили и целосно враќање на територијалниот интегритет сосе Крим, остануваат легално и политички издржани. Меѓутоа стратешки тие се недофатливи, во блиска иднина сигурно, а веројатно и на долг рок,“ порачуваат двата автори.

Нивна препорака е како што Вашингтон ја предводи помошта за Украина, така да ги предводи и напорите за нова политика која ќе постави достижни цели и ќе ги порамни можностите и целите. Основата на овој ангажман треба да биде консултации со Украинците и Европејците да преговараат за примирје со Русија, а во исто време на воено поле фокусот да се префрли од офанзива на одбрана.

„Киев не би се откажал од враќањето на територијалниот интегритет или од барање економска и правна одговорност од Русија за агресијата, но би признал дека неговите краткорочни приоритети треба да се префрлат од обиди за ослободување на повеќе територија, на одбрана и реконструкција на повеќе од 80% од државата што е под негова контрола,“ објаснуваат авторите.

Дури и Русија да одбие да преговара за мир, самото префрлање од офанзива во одбрана ќе го намали губењето на украински животи, што е во корист на долгорочната одбрана и реконструкција на земјата, и би добила поголема поддршка од Западот со тоа што ќе покаже дека има реална стратегија насочена кон цели што можат да се постигнат.

„Ваквата ситуација на крај би ја убедила Москва дека е неопходно селење од военото поле на преговарачката маса - потег кој би бил во корист на Украина, бидејќи дипломатијата нуди најреална патека за ставање крај не само на војната, туку на долг рок, и на руската окупација на Украина,“ сметаат Хас и Купчан.

И покрај сите пофалби за Украинците и нивната борба против Русите, Хас и Купчан објаснуваат дека на крај, ако се удри чиста математика, во 2023 Русите имаат освоено повеќе територија од Украинците и покрај нивната контраофанзива, а „украинската војска не покажува знаци дека може да ја пробие руската одбрана, без разлика колку долго се бори.“

Ако се прави споредба на двете држави Русија е во многу подобра позиција откако успеа да продолжи да извезува фосилни горива низ светот, ја пренамени индустријата за воени потреби а власта на Путин останува сигурна. Од друга страна Украина зависи од странска помош за исплаќање на плати, странска помош за оружје и изгуби значителен број војници, а поддршката што ја има од странците е во опасност да ја снема или барем да се намали.

Сериозен удар за украинската кауза беше и почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, што го одвлече вниманието на Вашингтон и ги подели воените залихи.

„Ни за Украина ни за Западот нема да биде политички лесно да се соочат со овие отрезнувачки реалности. Меѓутоа далеку е подобро за Киев и неговите поддржувачи да прифатат нова стратегија која ќе направи баланс меѓу целите и средствата, отколку да продолжат по курсот кој доведе до ќорсокак,“ се објаснува во текстот за Форин полиси.

21 ноември 2023 - 10:17