
Популистичкиот претседател Карол Навроцки потврди дека при првата официјална посета на Германија повторно ќе го отвори незгодното прашање за исплата на воените репарации за инвазијата и окупацијата на Полска од нацистичка Германија во Втората светска војна.
Тоа сигурно ќе ги разниша релативно добрите односи на Берлин и Варшава, во чувствително време кога ја сметаат Русија за заедничка закана и сè повеќе соработуваат во одбраната.
Односот е акутно чувствителен. Половина погрешно изговорена реченица може да доведе до големи превирања, изјави Кнут Абрахам, координатор за полски односи во германското Министерство за надворешни работи.
Поранешниот боксер Навроцки, поддржан од моќната опозициска партија Право и правда, победи врз основа на кампањата „Полска на прво место“ и уште во предизборната кампањата најавуваше дека ќе инсистира Берлин да плати отштета за воените злосторства од пред речиси еден век.
Причина повеќе тој гледа во сериозниот инцидент кога руски беспилотни летала пред една недела навлегоа во воздушниот простор на Полска, што европските сојузници и САД го оценија како провокација за НАТО. Навроцки сега го поврзува барањето за репарации со заедничката европска борба против руската агресија.
Репарациите нема да послужат како алтернатива на историската амнезија, но на Полска, како држава на фронтот, како клучна земја на источното крило на НАТО, ѝ се потребни правда, вистина и јасни односи со Германија, предупреди полскиот претседател.
Берлин упорно го заобиколува ова прашање. Полската влада на центристичкиот лидер Доналд Туск, иако призна дека постои морална основа за репарации, се откажа од побарувањето за да не ги загрози врските со својот сосед и најголем извозен пазар. Министерот за надворешни работи Радослав Шикорски побара утешен „видлив знак“ дека Берлин ја признава штетата што Германија ѝ ја нанела на Полска за време на војната. Во април во Берлин беше поставен камен од 30 тони за да се одбележат полските жртви од нацистичка Германија, но овој споменик е од привремен карактер.
Претседателот Навроцки има церемонијална политичка моќ, но зад себе ја има поддршката од јавноста. Неодамнешна анкета на порталот Onet покажа дека 54% од испитаниците го поддржуваат барањето за исплата на репарации, наспроти 27%, кои би ги простиле. Навроцки е охрабрен и од блиските односи со американскиот претседател Доналд Трамп, кој срдечно и со големи почести неодамна го пречека во Белата куќа. Трамп му се јави на Навроцки, а не на Туск, кога руските дронови навлегоа во полскиот простор и кога бараше безбедносни гаранции за Украина. Тоа разгоре тензии помеѓу владата и претседател за улогата во надворешната политика.
По средбата на Навроцки со својот колега Франк-Валтер Штајнмаер и со канцеларот Фридрих Мерц не се планирани прес-конференции. Берлин и Варшава се плашат дека отворањето на незгодното прашање заради собирање политички поени може да го загрози единството.
Секако дека ова прашање може да се искористи за да се создаде позиција во домашната политика. Тоа се случува насекаде. Но, поентата е дека моментално имаме воена ситуација на нашите надворешни граници и мора да направиме сè Германија, Полска и другите Европејци да стојат заедно. Сè што стои на патот на тоа му оди во прилог на рускиот претседател Путин, вели Ролф Никел, поранешен амбасадор на Германија во Полска.
******
Види и: Полска официјално почна да се раскусурува со Германија
За Полска, Германија уште има за плаќање за Втора светска војна