Полска официјално почна да се раскусурува со Германија

Полскиот министер за надворешни работи со сета сериозност потпиша дипломатска нота до Германија во која од соседот бара да се вразуми и да ги плати парите што ги должи за штетата од Втората светска војна.

На потегот му претходеше пресметка што минатиот месец ја објави полската владејачка партија според која Германија и должи на земјата 1.260 милијарди евра.

Како и сите претходни пати кога Полска споменува отштета за Втората светска војна, Германија повторува дека темата за нив е затворена пред повеќе од половина век. Конкретно во 1953 кога тогашната полска комунистичка влада под притисок од СССР, објави дека се откажува од секакво барање отштета од Германија за Втората светска војна.

За денешната полска влада оваа спогодба е неважечка бидејќи во тоа време Полска не била во позиција да преговара компензација што ја заслужува.

Во Втората светска војна убиени се околу 6 милиони Полјаци, од кои 3 милиони се полски евреи, а Варшава е срамнета со земја по востанието од 1944 во кое се убиени околу 200.000 цивили.

 

4 октомври 2022 - 09:44