Лојд иако признава дека руската одбрана е длабока и густа, порачува дека војската на Кремљ не е непобедлива.
Одговорот на министерот Олекси Резников е дека одлуките ги носат украинските воени команданти, дополнувајќи дека нивните оклопни единици се уништувани од воздушните сили на Русија, а без противвоздушна одбрана, единствената опција што ја имаат Украинците е да ги гранатираат руските линии, да се симнат од возилата и да продолжат пеш.
„Не можеме да маневрираме заради густината на мините и против-тенковските заседи,“ одговорил Резников.
Средбата во Брисел се случува само две недели по почетокот на контраофанзивата, и според Вашингтон пост уште тогаш покажува дека не успева да го зададе очекуваниот удар, со што почнуваат и недоразбирањата меѓу Вашингтон и Киев. Тогаш исто така почнуваат да се јавуваат и посериозни сомнежи околу капацитетот на Украина да врати големи делови од својата територија.
Во својата истрага за периодот до почетокот на контраофанзивата Вашингтон пост разговара со над 30 високи функционери од Украина, САД и Европа.
Пост издвојува седум клучни елементи кои ја формираат контраофанзивата и резултатите од неа:
- Украински, американски и британски воени офицери одржуваат осум големи воени игри (симулации) за да оформат план за операцијата. Притоа Вашингтон погрешно го проценува обемот во кој украинската војска може да бидат трансформирана во западна воена сила за така краток период - посебно без да му се даде на Киев авијација и ПВО кои се клучни за современите војски.
- Американските и украински функционери на моменти имаат остри несогласувања за стратегијата, тактиката и тајмингот. Пентагон сака нападот да почне во средната на април за да се спречи Русија да ги засили своите редови. Украинците се против ова инсистирајќи дека нема да бидат доволно подготвени без дополнителните оружја и обука.
- Американските офицери се уверени дека механизиран фронтален напад на руските линии е изводлив со војската и оружјето што Украина го има. Симулациите покажале дека силите на Киев, во најдобар случај, би можеле да стигнат до Азовото море и да ги остечат руските сили на југот за 60 до 90 дена.
- САД се залагале за фокусиран напад на јужната оска, но украинското раководство верува дека нивните сили треба да нападнат на три конкретни точки на речиси 1.000 километарскиот фронт: Мелитопол и Бердјанск на Азовото море и Бахмут.
- Американското разузнавање имало попесимистички процени отколку американската војска, проценувајќи дека офанзивата има само 50-50 шанси да успее имајќи ги предвид обемните, повеќеслојни одбранбени линии што Русија ги изградила зимата и пролетта.
- Многумина во Украина и на Западот ја потценуваат способноста на Русија да се врати по катастрофите што ги претрпува на фронтот и да ги искористи своите силни страни: бројност на луѓе, мини и подготвеност да жртвува животи во обем во кој малку која држава е подготвена.
- Како што се приближува почетокот на офанзивата така украинските офицери почнуваат да стравуваат дека ќе доживеат катастрофални загуби, додека американските офицери веруваат дека бројот на жртви ќе биде поголем без одлучен напад.