Мејн важи за држава која често се потпира на прагматизам и здрав разум, која е ориентирана на рационално решавање проблеми и чии експерименти неретко ги следат и другите држави.
На ниво на избор на претставник во Конгресот, таму деновиве успешно беше организирано таканаречено рангирано гласање. На тој модел не се гласа само за еден кандидат туку гласачот има шанса да ги рангира понудените кандидати, како на избор на песна за Евровизија.
Можеби звучи компликувано, но не е. Во случај кога никој нема апсолутно мнозинство од 50% плус еден, прво се елиминираат оние кандидати кои биле најмалку прворангирани а гласовите дадени за нив се прелеваат кај оној што бил второпласиран кај нивните гласачи. Процесот со елиминација и прелевање на гласовите се продолжуваа сè додека не се стигне до еден кандидат кој има јасно мнозинство.
Во конкретниот случај на Мејн, иницијалните резултати сугерирале предност на Републиканскиот кандидат. Но откако гласовите на двајцата независни кандидати кои учествувале на изборите се прелеале согласно правилата, победник испаднал Демократскиот кандидат.
Губитниците го носат случајот пред федерален суд и ако овој модел добие благослов од таа инстанца, ќе може да се применува и во други места во САД.