ЕУ крева антидемократски штит

Битката за слободата на говорот во Европа веќе не се однесува само на тоа што на луѓето законски им е дозволено да го кажат. Сега станува збор за нешто пошироко: кој одлучува што може да видат, кому треба да му веруваат и кои идеи се класифицирани како ризици, сето тоа сервирано како „борба против дезинформациите“.

Во изминатата недела во Стразбур се случи нешто значајно, а не е годишниот говор на Фон дер Лајен за состојбата на ЕУ. Европскиот парламент го усвои извештајот за Европскиот штит на демократијата, кој содржи нови мерки против „странското мешање и манипулација со информации“ (FIMI) во европската политика.

Урсула фон дер Лајен првпат го предложи проектот во 2024 година, а Европската комисија официјално го претстави лани во ноември со цел да ја заштити европската демократија од дезинформации, странско мешање и сè пософистицирани хибридни закани. Неговиот клучен правен инструмент од широкиот арсенал е Законот за дигитални услуги – кој ѝ овозможува на Европската комисија да одредува што може, а што не може да се изнесува онлајн – со закана од сериозни казни за платформите на социјалните медиуми што не се придржуваат до правилата.

Главната цел на „штитот“ всушност е да го надгледува внатрешниот информативен простор во Европа и да врши контрола врз информациите со кои граѓаните се среќаваат во секојдневниот живот. Тврдењето дека противењето на политиките на ЕУ за имиграција е „странско мешање“, на пример, ѝ овозможува на ЕУ да ја делегитимира опозицијата. 

Европскиот центар за демократска отпорност на Комисијата - замислен како координативна мрежа на институциите на ЕУ, националните влади и граѓанското општество - прераснува во трајна институција за следење и контрола на информациската средина. Добива мандат, наменски буџет и капацитет за дејствување. 

Формулацијата на извештајот на Европскиот парламент експлицитно се однесува на „дезинформации произведени од странски и домашни актери“. Се вели дека Законот за дигитални услуги треба да обезбеди „соодветна важност за проверени извори“. Се повикува на дигитални правила за заштита на „информативниот интегритет за време и надвор од изборните периоди“.

Тоа значи дека Европскиот штит всушност го пренасочува фокусот од странско мешање кон „домашни актери“. Неговиот делокруг се прошири од регулирање на информациската средина за време на избори, на регулирање и „надвор“ од изборите – со други зборови, постојано. Притоа, границата помеѓу спречувањето на прикриена манипулација и управувањето со легитимни политички несогласувања е замаглена во намерен обид да се добие поголема контрола врз она што луѓето можат да го читаат онлајн.

На крајот на краиштата, кој одлучува што претставува „потврден извор“? Кој одлучува дали некој политички аргумент е дезинформација или легитимен став? Овие прашања се во самата срж на демократскиот живот, пишува политичкиот коментатор Норман Луис за Spiked.

Проширувањето на „Штитот“ на ЕУ само ја зајакнува цензурата од Брисел. Веќе се воспоставени „доверливи пријавувачи“ и мрежа од невладини организации за проверка на факти. Платформите формално ја задржуваат одговорноста за одлучување дали некоја содржина е незаконска, но поради заканата од огромни парични казни за непочитување на правилата, тие всушност вршат цензура по налог на Брисел.

Опсежната инфраструктура за проверка на факти експоненцијално се проширува. Во март, Европската комисија додели 5 милиони евра за проект за да се зајакне проверката на факти низ Европа, да се создаде база на податоци со проверени факти и да се воспостави капацитет за итно реагирање. Комисијата одделно обезбеди 2,5 милиони евра за продолжување на работата на Европската опсерваторија за дигитални медиуми, чиј нов мандат вклучува следење и анализа на онлајн информациите за поддршка на „ситуациската свест“, особено во контекст на избори и кризи.

Авторот на извештајот, шведскиот европратеник Томас Тобе, сè уште инсистира дека целта на штитот е да се спротивстави на странското мешање, руските ботови и изборните манипулации.

Ова е крајно неискрено. Демократијата се потпира на претпоставката дека граѓаните се морално и интелектуално способни да се соочат со спротивставени аргументи, да ги проценат и самите да донесат одлука. Контролирањето на опкружувањето во кое граѓаните го формираат својот суд е во спротивност со таа претпоставка. Граѓаните сега се третираат помалку како автономни политички субјекти, а повеќе како ранливи жители изложени на опасно информациско опкружување, па затоа им се потребни постојана заштита, надзор и управување, заклучува Луис.

28 септември 2026 - 15:17