Повод за истрагата е што минатата година двајца вработени на Амнести интернешнл извршија самоубиство.
Во резултатите од неа стои дека во рамките на Амнести интернешнл постои опасна „нас против нив“ динамика и сериозен недостаток на доверба во менаџментот, „што претставува закана за кредибилноста на Амнести како борец за човекови права.“
„Како што организациската нетрпеливост и доказите за непотизам и хипокризија стануваат јавни тие ќе бидат употребени од владите и останатите противници на Амнести за подривање и отфрлање на работата на организацијата, фундаментално загрозувајќи ја нејзината мисија,“ се порачува во заклучоците од извештајот.
Истрагата, спроведена од Контера груп а предводена од психолози, открива дека во Амнести интернешнл имало повеќе случаи на високи менаџери кои ги понижуваат вработените, намерно исклучување на дел од вработените од состаноци, па и директни навреди од типот „Ти си гомно“ или „Треба да си дадеш отказ! Ако останеш на позицијава животот ќе ти стане мизерија“.
Фокусот на истрагата е секретаријатот на организацијата базиран во Лондон, кој според консултантите речиси постојано функционирал во „вонредна состојба“, по процесот на преструктуирање кој требал да го децентрализира работењето.
Кон нелагодната работна околина најмногу придонесувале непријателската култура, неуспесите на менаџментот и притисокот од работните обврски.
Целата слика е надополнета и со непотизам во вработување и фаворизирање на одредени личности, а има и случаи кога вработени биле прогласени за вишок без почитување на процедурите.
„Амнести не може ефикасно да се стреми да го направи светот подобро место додека истовремено негува организациска култура со длабоки лузни од таинственост, недоверба, непотизам и други форми на злоупотреба на моќ,“ се објаснува во извештајот.
Во мај минатата година еден од вработените на Амнести интернешнл се самоубива откако претходно се жали на стрес и преработеност. 6 недели подоцна, 28-годишна приправничка во канцеларијата на Амнести во Женева се самоубива во својот семеен дом.