Неизводливите теории за украинска победа

На херојството на украинските војници по својот габарит единствено му парира залуденоста на ставовите на официјален Киев кој упорно зборува дека Украина ќе се бори до неизбежна победа и дека ќе ги врати сите изгубени територии, вклучително и Крим.

Ваквиот исход би бил најголемиот пораз за Русија во историјата на земјата, плус на тоа ако се надодадат санкциите од Западот, ситуацијата би била терминална за руската држава, која би била пред директна закана од распаѓање.

До украинската победа може да се дојде на два начина. Првиот предвидува дека Украина со помош на Западот ќе може да ја порази Русија на бојното поле, или преку трошење на нејзините залихи и војска, или преку мудри маневри.

Вториот начин предвидува комбинација од фронтовски победи за Украина и економски порази за Русија, по што Западот би можел да го убеди Путин да стави крај на војната или да убеди негов близок човек на сила да го смени од претседателската позиција.

„И двете теории за победа се потпираат на нестабилни темели.

Во Украина руската армија е најверојатно доволно силна за да одбрани сè што освоила.

Во Русија економијата е доволно автономна а власта на Путин е доволно силна за претседателот да не може да биде притиснат да се откаже од освоеното.

Според тоа, најверојатниот исход од сегашната стратегија не е триумф на Украина туку долга, крвава, и на крај нерешена војна. Продолжената војна нема да биде скапа само во смисла на човечки и економски загуби, туку и во смисла на ескалација, вклучително и потенцијал за користење на нуклеарно оружје,“ пишува Бери Розен во текстот за Форин аферс.

Во првите месеци од војната неизбежната победа на Украина се базираше на странските (британските) процени за бројката на руски жртви од 60.000 (15.000 мртви и 45.000 ранети), а Русија во инвазијата има ангажирано вкупно 120.000 војници, тогаш крахот и повлекувањето на руската војска беше само прашање на време.

Неколку месеци подоцна овие бројки излегоа претерано оптимистички, бидејќи руската армија и покрај првичните делумни неуспеси, се повлече од дел од фронтот за да се реорганизира и започна со освојување на Донбас, наместо со колапс и повлекување во Русија.

„Русите изгледа претрпеа помалку загуби отколку што многумина сметаа или пак најдоа начин да ги одржат во борбена подготвеност најголемиот дел од своите единици. На еден или друг начин тие наоѓаат резерви и покрај јавно објавеното одбивање да испратат тазе регрути или мобилизирани резервисти на фронтот. А ако дојде нож до коска, и оваа одбивање би можело да исчезне,“ пишува Розен.

Опцијата за триумф преку мудри маневри, кои би требало да потсетат на израелската победа против Арапите во 6-дневната војна, пропаѓа заради самата бескрајност на фронтовската линија и тоа што ни една од двете страни ја нема потребната механизација за покривање на ова пространство.

Дури и последните успеси што ги има Украина во Херсон, најверојатно не се резултат на изненадување или подобро маневрирање, туку многу повеќе наликуваат на копирање на руската стратегија на бавно и беспоштедно гранатирање на противникот.

„Уште поважно, капацитетот на една држава за спроведување на војна со тешка механизација корелира  со нејзиниот социоекономски развој. Неопходни се и технички и менаџерски вештини за одржување на илјадници машини и електронски уреди во работна состојба и координирање на распространетите, брзодвижечки борбени единици во реално време. Украина и Русија имаат слично вешта популација од која можат да ги извадат своите војници, па е малку веројатно дека едниот или другиот ужива предност во механизираниот судир,“ смета Розен.

Ова не би им успеало на Украинците ниту со помош во опрема од Западот, бидејќи досегашните успеси што ги имаа, пример со користење на НЛАВ и Џавелин, главно беа како дополнување на предноста што ја имаа како бранители. Процената е дека истото нема да можат да го искористат кога ќе тргнат во офанзива, против непријател што има квантитативна предност, ниту пак е јасно дали западното оружје ќе може да ја пробие руската одбрана.

Втората теорија, за победата во Москва, бара далеку помали успеси на украинскиот фронт, но сепак неопходни успеси, и многу поголем притисок под прозорот на Путин.

Тука загубите на фронтот ги мобилизираат семејствата на убиените и повредни руски војници, а остатокот од Русите се мобилизирани од влошените животни услови и распад на економијата. Во исто време Путин не разбира како поразите во Украина ја намалуваат поддршката што ја има во Русија, меѓутоа некој од неговиот круг успева да го сфати тоа и започнува со негово соборување, па дури и убиство. Кога новиот ќе дојде на власт, тој ја прекинува војната.

Проблемот е не само стандардниот скок на поддршката што секој претседател ја има за време на војна, туку и тоа што самиот Путин е ветеран шпион кој со децении работи на државни удари и слични мерки. Сличен неуспех се проценува дека ќе имаат и предвидувањата за економски притисок врз Русите, кои државата за сега може лесно да ги подмири благодарејќи на парите што им доаѓаат од продажбата на енергенси.

„За сега најверојатен исход по месеци или години борби е пат ситуација во близина на сегашните борбени линии.

Благодарение на високо мотивираната војска, предностите на одбранбената позиција и западната воена помош, Украина би требала да може да го запре руското напредување.

Сепак Русија има супериорен број на војници, плус тактичката предност на одбраната, би требало да ги спречи украинските контранапади за враќање на територијата.

Во Русија, западните санкции ќе бидат проблем за населението и ќе го забават економскиот развој, ама самодоволноста од државните залихи со енергија и сировини би требало да спречат поголема штета од санкциите.

Во меѓувреме на Западот, населението незадоволно од колатералната штета од санкциите ќе го изгуби своето трпение за војната. Западната поддршка за Украина ќе стане помалку великодушна.

Собрани заедно овие фактори водат кон еден исход: нерешено на военото поле.

Како што минуваат месеците и годините, Русија и Украина ќе страдаат за постигнување на не многу повеќе од тоа што веќе го имаат постигнато - ограничени и пирови територијални придобивки за Русија, и силна, независна и суверена влада со контрола на најголемиот дел од предвоената територија на Украина.

Во еден момент и за двете страни ќе биде корисно да преговараат. И двете страни ќе мора да почнат вистински преговори, во кои секој ќе мора да се откаже од нешто вредно.

Ако тоа е најверојатниот исход, тогаш има малку смисла Западните држави да продолжат да истураат уште повеќе пари и оружје во војната кои ќе резултираат со уште повеќе смрт и уништување.

Сојузниците на Украина треба да продолжат да ги обезбедуваат ресурсите што и се потребни на земјата за да се одбрани од дополнителни руски напади, меѓутоа не треба да ја охрабруваат овие ресурси да ги троши на контраофанзива која најверојатно ќе се покаже излишна.

Наместо тоа Западот треба сега да почне да се движи кон преговарачката маса.

Секако, дипломатијата ќе биде експеримент со несигурен исход. Ама тоа важи и за продолжувањето на борбите неопходни за тестирање на украинските и западните теории за победа.

Разликата меѓу двата експерименти е дека дипломатијата е евтина,“ порачува Розен.

14 јули 2022 - 15:04