Највоспитаните демонстранти на светот

На целата подготвеност на Пекинг и комплетната полициска машинерија што им е на низок старт, луѓето никако да стигнат да покажат се што знаат на тема смирување протести и покрај тоа што пола Хонгконг е излезен на улица.

За разлика од сликите што доаѓаа од Либија до Украина, проблемот со Хонгконг е што демонстрантите едноставно се воспитани. Сите слики од протестите се од насмеани студенти, кои седат наоколу и пишуваат нешто, делат храна, педантно собираат ѓубре, па дури и го рециклираат.

Објаснувањето за ваквото однесување на демонстрантите е во Прирачникот за непослушност. Објавен неколку дена пред почетокот на Occupy Central, во него детално се објаснува тактиката на движењето, правилата за ненасилни протести, закони што може да бидат прекршени и што да се прави ако те уапсат.

Прирачникот ги наговара демонстрантите да "избегнуваат физички судир, ама да избегнат и создавање омраза во своите срца," плус од нив се бара да "бидат пример за вредностите што сакаат да ги постигнат во општеството, како еднаквост, толеранција, љубов и грижа."

"Демонстрантите сфаќаат дека овие вредности не само што ќе помогнат за придобивање симпатизери, туку ја ставаат на мета и легитимноста на режимот во случај да реши да употреби екстремна сила против демонстрантите," објаснува Срѓа Поповиќ во текстот за Салун.

По првиот обид да се блокира финансиската област во Хонгконг, демонстрантите беа пречекани со бараж од солзавец. Наместо сите видени и очекувани реакции се случи спротивното - луѓето не и вратија на полицијата. Ова само ја зголемува поддршката за нив. Следниот ден илјадници луѓе му се придружуваат на движењето, осудувајќи ја полицијата и барајќи оставка од лидерот на Хонгконг Ц.Ј. Леунг.

2 октомври 2014 - 12:13