Се работи за копија на изјавата на фелдмаршалот Ромел пред сојузничкото истоварување на Нормандија, кога тој проценува дека првите 24 часа ќе бидат најдолгиот ден и за Германија и за Сојузниците.
„Ромен знаел дека почетната фаза од нападот често пати го оформува остатокот од борба, одлучува меѓу победа и пораз и го одредува стратешкото влијание на офанзивата,“ пишува Франц-Стефан Гади во анализата за Форин полиси.
Најголемото шпекулирање сега е кога и каде ќе удрат украинските сили како и тоа колку војска има собрано Киев за својот јуриш. Она што посебно го интересира Западот е како нивното оружје ќе се покаже во офанзивата и колку влијание ќе има.
Изминативе месеци војување иако нема големи поместувања на мапата, двете страни даваат се од себе колку е можно повеќе да го истрошат другиот. Процената на Гади е дека што и да се случи на украинскиот Ден-Д, за украинската војска ќе биде „страшно тешко да го избегне досегашниот карактер на војна на истоштување, дури и да имаат голема, добро обучена и добро опремена“ сила.
Гади предвидува дека украинската армија може да постигне најголем успех доколку во првите 24 часа ја парализира руската војска и нејзиното раководство, по што руските војници сами би ги напуштиле своите позиции.
„Дури и односот на силите да биде во корист на Украина, тоа нема да биде доволно за да се одржи овој ефект. Потребни се фактори како тактичко изненадување, лидерство на военото поле и борбен морал кои ќе бидат одлучувачки во првите 24 часа од нападот. Овие фактори, а не само оружјето, ќе одлучат дали Украинците ќе успеат да ги испаничат Русите, да го парализираат руското раководство, и да предизвикаат привремен распад на командата и контролата. Во ова сценарио украинските оклопни колони ги пробиваат слоевите руска одбрана, брзо напредуваат до руската заднина, и стануваат директна закана за командата и контролните точки како штабови и магацини, со што само се надополнува паниката и парализата,“ пишува Гади.
Ваквото сценарио би било реприза од украинската контраофанзива во регионот на Харков од септември годинава, кога заради молневитоста и успешноста на украинската армија, Русите не можеа на време да ги распоредат своите резерви на фронтот. Како резултат на ова, Украина ослободи над 6.000 километри руска окупирана територија во рок од 10 дена. И тогаш првите 24 часови од офанзивата беа одлучни бидејќи предизвикаа паника и хаос на руска страна.
За постигнување на тактичко изненадување Украинците ќе треба колку можат повеќе да ги растегнат руските сили за да спречат нивна концентрација, и да одберат место за пробивање од каде потоа ќе можат лесно да ја го рашират ослободувањето на територии, и да продолжат со пробивање кон заднината.
Тоа што ги чека Украинците од карши беше опишано од еден нивен разузнавач: застрашувачка мрежа од мински полиња, бетонски пирамиди, анти-тенковски канали и ровови. По поразите во Харков и Херсон, Русија сега има распоредено многу поголем број, кои треба да бранат далеку пократка фронтовска линија.
„Ќе биде многу тешко за Украина да постигне доволна огнена супериорност за брзо да ги уништи овие слоеви на одбраната, и ќе биде идентично тешко да концентрира доволно војска за да ги освои руските позиции.
Земањето залет ќе биде посебно тешко под руски оган имајќи ја предвид потребата од расчистување на слоевитата одбрана: расчистувањето на минските полиња за тенковите и другите возила да можат да минат, расчистувањето на бетонските пирамиди и преминувањето на каналите бараат специјална опрема и вештина.
Поверојатна верзија е Украинците да ги натераат Русите да ги напуштат нивните одбранбени позиции без борба, предизвикувајќи паника дека нивните позиции се на пат да бидат опколени,“ смета Гади.
Неговата процена е дека на почетокот од офанзивата на Украинците ќе им биде потребно беспрекорно тактичко водство, кое ќе треба да компензира и да ги врати во колосек своите сили по сите проблеми кои ќе се случуваат на теренот. Водство кое ќе ја засили довербата на војниците во своите претпоставени, а со тоа и ќе го крене борбениот морал. На борбеното поле, пониските команданти ќе треба да можат брзо да ги откриваат дупките во руската одбрана и да ги искористуваат за низ нив да се протнат колку е можно повеќе оклопни формации.
Надежта е дека паниката предизвикана од украинските успеси во првите 24 часа ќе ги блокираат и врските меѓу руските фронтовски линии и заднината, и нивната можност да донесат свежо засилување на фронтот.
„Првите 24 часа од претстојната офанзива може навистина да биде најдолгиот ден за Украина. На долг рок, на украинските вооружени сили ќе им биде тешко да избегнат војна на истоштување во војна која е фокусирана на артилерија. Украинците би можеле да постигнат тактички успеси ако можат да предизвикаат паника кај руското воено раководство и паника меѓу војниците, создавајќи хаос во почетната фаза на контраофанзивата. Дали ова ќе биде доволно за Украина да постигне долгорочен стратешки напредок, тоа е сосема друго прашање,“ заклучува Гади.