На САД и Европа им снемува оружје на залиха за испраќање во Украина

Годишното производство на комплетната американската воена индустрија вообичаено е околу 30.000 155-милиметарски гранати за хаубиците што САД и ги испорача на Украина. Во борбите на фронтот украинска армија овие 30.000 гранати ги троши за околу 2 недели.

Професорот од Универзитетот за национална одбрана на САД, Дејв Де Роше, алармира дека е сериозно загрижен дека „освен ако немаме ново производство, за кое ќе треба месеци за да почне, повеќе нема да имаме капацитет да ги снабдуваме Украинците.“

Слична е ситуацијата и во ЕУ, чиј министер за надворешни работи, Жозеп Борел, предупредува дека „залихите на најголемиот дел од европските НАТО членки се значително истрошени“ заради помошта што и се дава на Украина.

Првиот човек на НАТО, деновиве одржа специјален состанок со членките на алијансата за дискутирање на начини како да се надополнат резервите со муниција и оружје на земјите членки.

„Воените аналитичари посочуваат на коренот на проблемот: Западните нации произведуваат оружје во многу помали количества за време на мир, бидејќи владите се одлучуваат да го намалат многу скапото производство и да произведуваат само колку што е потребно.

Дел од оружјата кои се при крај со залиха веќе не се ни произведуваат, а за нивно производство се неопходни  висококвалификувани работници и искуство - ставки за кои производствениот сектор во САД со години е во дефицит,“ пишува Наташа Турак во текстот за Си-ен-би-си.

Самиот Столтенберг ги опомена членките на НАТО дека треба повеќе да инвестираа во својата воена индустрија.

Иако е при крај со залихата од 155-милиметарски гранати и веќе нема хаубици со оваа димензија кои може да и ги испорача на Украина, процената е дека и понатаму не е загрозен капацитетот на САД да се одбрани себе си. Оружјето што до сега САД и го испраќаат на Украина е дел од вишокот што го има, без да се пофатат по резервите и залихите на единиците на американската армија.

Процената е дека освен 155-милиметарската муниција, САД е при крај и со залихите за давање на ХИМАРС ракетни системи, Џавелин проектили, Стингер проектили и М777 155-милиметарските хаубици.

Пример, САД до сега на Украина и испорачаа 8.500 Џавелин анти-тенковски ракетни фрлачи, а имаат годишен производствен капацитет од околу 800 парчиња.

Експертите проценуваат дека на САД ќе му бидат потребни меѓу 1 и 4 години за значително да го зголеми своето севкупно воено производство.

Во меѓувреме препораката за Украина е да најде друг снабдувач, пример Јужна Кореја која има значително воено производство, и да прифати дека ќе почнат да користат оружје кое е далеку помалку оптимално.

29 септември 2022 - 10:00