Израелскиот јавен обвинител подигна три обвиненија против премиерот Бенајмин Нетанјаху. Пријавите доаѓаат после двегодишна истрага и неполни два месеца пред изборите во земјата закажани за 9-ти април.
Нетанјаху е обвинет за примање поткуп во врска со неговите релации со најголемиот телекомуникациски тајкун во Израел. Злоупотреба на функцијата му е најдена во договарање со еден весник за објавување на „анализа“ во негова полза како и за земање 200.000 евра од бизнисмен за премиерот да биде наклонет кон неговите интереси.
Ова е третпат израелската полиција да бара покренување кривични пријави против Нетанјаху. Тој смета дека се работи за чиста политичка пресметка:
„Ја пролеваат крвта на жена ми, ми ги гонат синовите, ја водат целата моја фамилија низ седум кругови од пеколот,“ вели 69 годишниот Биби кој е сигурен дека обвиненијата против него ќе бидат срушени како кула од карти.