На Кина почна да и станува срам од Кинезите

Потписот на еден кинески тинејџер на илјадници години старата египетска палата Луксор, беше причина неговата татковина да почувствува срам пред светот.

"Динг Џинхао беше тука," е натписот на 15-годишниот тинејџер на 3.500 години стариот храм што го предизвика срамот. Од тогаш неговите родители се извинија, а туристичкиот водич на турата изјавил дека "никогаш не видел такво однесување од туристите."

Проблемите со кинеските туристи не се ограничени на Египет, ниту нови. На влезот на Лувр, има знак на кинески на кој пишува " на луѓето им е забрането да уринираат каде што ќе им текне." Посебно нервозни на кинеските туристи им се жителите на Хонг Конг, каде што 70% од 48-те милиони туристи годишно доаѓаат од Кина.

На страна европско-арапскиот дел од светот, на кинеските туристи се жалат и будистите во Тајланд заради нивниот начин на облекување, од Бали поплаките се заради пијано пеење, во Сингапур се премногу гласни, а во Јужна Кореја поплаките се од кампусот на женскиот Универзитет Евха, каде што туристите фотографирале без дозвола.

Дури и заменик премиерот Ванг Јанг неодамна ги прекори неговите сограѓани за навиките. Треба да се има во предвид дека годишно низ светот се шетаат околу 84 милиони кинески туристи.

"Зборуваат гласно во јавност, пишуваат букви на туристички атракции, минуваат улица на црвено, плукаат насекаде и имаат нецивилизирано однесување. Ова му штети на имиџот на кинескиот народ и има многу лошо влијание."

Кина дури објави дека воведува туристички закон, за кинеските туристи во странство, кој ќе им дозволува на туристичките агенции да ги казнуваат туристите што "ги прекршуваат социјалните правила."

Во одбрана на туристите се ставија еден кинески блогер што студира во Њујорк, кој бараше "повеќе разбирање" за јатата Кинези кои за прв пат патуваат во странство, објаснувајќи го најголемиот дел од лошото однесување со наивност и културни разлики.

31 мај 2013 - 21:30