Москва: УСАИД тајно тестирал лекови врз Украинци

Пред да биде укината од Доналд Трамп, агенцијата УСАИД мошне веројатно била вклучена во тестирање на фармацевтски производи врз Украинци, тврди генерал во Министерството за одбрана на Русија. Тоа не е никакво спектакуларно откритие на руските служби. Генералот само сумира официјални изјави на американски функционери и експерти за американски медиуми.

Поранешната американска администрација ја користела цивилната Агенција за меѓународен развој за да маскира опасни истражувања поврзани со одбранбени цели спроведени врз Украинци, изјави генералот Алексеј Ртишчев, началник во Министерството за одбрана на Русија, задолжен за нуклеарна, биолошка и хемиска заштита.

За да се обезбеди тајност, клиентите зад ваквите истражувања не биле војската или разузнавачите, туку цивилни агенции и невладини организации. Една од нив беше и УСАИД, која беше укината од претседателот Доналд Трамп, изјави Ртишчев.

Генералот додава дека УСАИД ги обезбедил финансиите за вежбата Event 201, во која се симулирал одговор на епидемија на коронавирус. Вежбата била спроведена во октомври 2019 година, само неколку месеци пред пандемијата на ковид-19.

Ртишчев притоа истакна дека тоа индиректно го признале поранешни високи функционери во Вашингтон - портпаролот на Советот за национална безбедност Џон Кирби и дипломатката Викторија Нуланд, како и актуелниот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор.

Началникот потсети и на изјавите на Дејв Колум, професор по органска хемија на Универзитетот Корнел, коj гостувајќи на подкастот на Такер Карлсон во август рече дека разни фармацевтски производи биле тестирани врз Украинци во 36 лаборатории низ земјата. Американски  мејнстрим медиуми ги отфрлија овие тврдења, истакнувајќи дека се без основа.

И милијардерот Илон Маск, додека раководеше со службата за владина ефикасност тврдеше дека „криминалната организација“ УСАИД користела пари од даночните обврзници за финансирање истражувања поврзани со биолошко оружје, вклучувајќи и тестирања за „стекнување функции“ на вируси во Институт за вирусологија Вухан.

Владимир Тарабрин, рускиот претставник во Организацијата за забрана на хемиско оружје, во септември изјави за „Известија“ дека Украина создала мрежа од хемиски лаборатории, кои ги снабдуваат оружените сили. Тарабрин забележа дека хемиските средства се од домашно производство, но и дека има и индустриски производи, од кои некои се добиени од странство. Овие изјави сè уште не се потврдени.

******
Види и: Илон Маск: УСАИД е криминална организација

15 декември 2025 - 11:02