Во конкуренција од стотина пријавени сајтови, нашето веб милениче off.net.mk е прогласен за најдобар сајт во Македонија за 2014-та. Пријавените се натпреваруваа во дузина категории а ние оваа награда (публика+ жири) ја добивме во генералниот пласман. Патем, втори сме во категориите забава и веб дизајн. Целата листа на овогодинешни победници изгледа вака:
Најдобар сајт за 2014 година: Off.net.mk
Најпопуларен сајт според гласовите oд публика: Fakulteti.mk
Најдобар ИТ сајт: It.com.mk
Најдобар дизајн: Kajgana.mk
Најинформативен сајт: Time.mk
Најдобар забавен сајт: Panika.be
Најдобар спортски сајт: Derbi.mk
Најдобра Facebook фан страна: Мајка ти и татко ти
Најдобар блог: Okno.mk
Најдобар мобилен сајт: Grouper.mk
Најдобар корпоративен сајт: T-mobile.mk
Најдобар сајт за бизнис информации: Vrabotuvanje.com.mk
Најдобар сајт за е-трговија: Grouper.mk
Најдобар сајт за образование, наука и култура: Fakulteti.mk
Најдобар сајт на невладина организација: Borka.org.mk
Најдобар владин сајт: Агенција за вработување на Македонија
Најдобар финансиски сајт: kb.com.mk
Туризам и угостителство: Radika.com.mk
Најдобар сајт за автомобилизам: Porsche.com.mk
Мода и убавина: Femina.mk
Храна и здравје: doktori.mk
Екипата на Трендоленд им честита на сите победници.
Ситуацијата во македонскиот интернет простор денес е сосема поинаква од онаа кога почнував да правам веб медиум. Тогаш немаше речиси ништо, денес има речиси премногу. Тогаш беше молк, денес е бучава. Главниот денешен предизвик е како да те слушнат во таа бука, како да се издвои и препознае твојот глас, како во она што од страна личи на напорен кафеански жагор, да ја забележат твојата маса и да посакаат да доаѓаат на неа, можеби затоа што им се допаѓа твојот муабет, можеби само затоа што си малку потивок од останатите. Искрено ги охрабрувам сите интернет комшии да работат најмногу на тоа, на својот глас и на неговата препознатливост.
Огромна благодарност до целата екипа на офф.нет со која е вистински ќеиф да се работи и да се дружи: мојот драгоцен Јурук, незаменливата Илина, вредните спортски дејци со редовен апетит Филип и Душан, програмерскиот шаман Небојша и финансискиот спартанец Влатко кој, да го потсетам, ни дoлжи машина за точење пиво и slow cooker. Светот на офф.нет никако не е цел без преубавата екипа бавчанџии и искрените приказни од "нивните светови" кои ни ја дополнуваат сликата во каква Македонија и со какви луѓе сакаме да живееме.
горд на сите нив,
Трендо
уредник на off.net.mk