Генералот Ал-Гарави е човек кој во 2008-ма беше обвинет пред ирачкиот суд за управување со тајни затвори и за систематско измачување на затворениците, додека бил командант на 2-та полициска бригада во Багдад. Според сведоштвата од неговите луѓе, "тој наредувал сурови претепувања и ги гледал испитувачите како се изживуваат на затворениците." Во 2008-ма магазинот Тајм пишува дека "некои сведоци изјавиле дека Ал-Гарави и лично ги измачувал затворениците."
Во периодот пред судењето, САД вршат притисок врз Малики да го уапси Ал-Гарави, што тој постојано го одбива. Американски и ирачки инспектори градат случај против генералот, составен од десетици сведоштва за неговото учество во систематската тортура во периодт од 2005-та и 2006-та.
Во депеш објавен од Викиликс, тогашниот американски амбасадор во Ирак, Залмај Халилизад, ја објаснува непопустливоста на Малики: "Ал-Гарави се покажа како многу вреден човек за Малики... заради што тој ги одбива сите наши барања за спроведување на ирачкиот налог за негово апсење."
Ирачката влада се влече две години околу апсењето на генералот, за на крај јасно да каже дека тоа никогаш нема да се случи. Тие наоѓаат пропуст во законот кој требаше да спречи секретаријанско насилство, според кој: министер во владата може да отфрли кривично обвинение против член на министерството со цел да спречи прогон по религиозна основа.
По ова следува дипломатска битка меѓу САД и Ирак, меѓутоа и покрај сите предупредувања на крај Владата решава да го ослободи генералот од сите обвиненија.
Откако го ослободија, Ал-Гарави веднаш беше именуван за прв човекот задолжен за безбедноста во Мосул, најголемиот сунитски град во земјата. Ова уште тогаш е проблем и за локалното население и за Американците, затоа што ова го толкуваат дека на Малики не му е гајле што шиитски генерал со ужасна репутација ќе раководи со сунитска провинција.
Подоцнежните документи и истраги го потврдуваат истото, дека "Ал-Гарави со Мосул и целата провинција раководи исто како што тоа го правел во Багдад од 2005-та и 2006-та, злоупотребувајќи го и отуѓувајќи го локалното население," пишува Ендру Слејтер за Дејли Бист.
"Нерелигиозните фундаменталисти во сунитската коалиција која го поддржува ИСИС можеби никогаш немаше да бидат отворени кон групата, ако Малики владееше инклузивно и докажеше дека тој е подготвен да казни за злоделата направени од шиитските лојалисти. Наместо тоа дел од ирачките Сунити завршија во сојузништво со ИСИС, во добар дел благодарејќи на суровата секретаријанска логика на Владата во Багдад," објаснува Слејтер.
По падот на Мосул, Малики го отпушти генералот Ал-Гарави, и нареди тој и неговите потчинети да бидат судени заради напуштање на борбените позиции.