Маргарита Симонјан ги прозва руските воени власти за хаосот што го направиле во мобилизацијата, зборувајќи за испраќањето покани до мажи кои не се опфатени со делумната мобилизација објавена од Путин.
„Објавено е дека војници можат да бидат регрутирани до 35-годишна возраст. Поканите одат и кај 40-годишни.
Тие како намерно да го разгневуваат народот. Како да се пратени од Киев,“ пишува Симонјан на својот Телеграм канал.
На ова се надоврза информацијата од руското министерство за одбрана, дека заменик министерот задолжен за логистика, генерал Дмитри Булгаков е заменет и префрлен на друга задача. На негово место доаѓа генерал-полковник Михаил Мизинцев, кој беше главен во организирање на опсадата на Мариопул, заради што и го доби прекарот „Касапот на Мариопул“.
Проблеми со мобилизацијата има и кога ќе се погодат кандидати по сите критериуми, па така од далечниот Исток доаѓаат фотографии и снимки од регрути кои добиле прастаро распаднато оружје, кое заради ним познати причини се уште се чува во руските воени магацини.
Откако беше објавена мобилизацијата инстантно се направија редици на руските гранични премини кон Монголија, Казахстан, Финска и Грузија.
Посебно негодување околу мобилизацијата има кај етничките малцинства во далечните краеви на земјата, од Дагестанци до Бурјати.