Милијарда гладуваат, десетмина лапаат по милијарда на ден

Десетте најбогати Американци лани го зголемиле вкупното богатство за по точно 1 милијарда на ден. Десет просечни Американци работници, за споредба, ќе мора да работат 726.000 години за да ги заработат тие пари. Неблагодарно е да се пресметува колку милениуми им требаат на речиси милијарда луѓе низ светот принудени да преживеат со помалку од 2-3 долари на ден.

Богатството на милијардерите астрономски се зголеми за 365 милијарди долари, додека толку многу обични луѓе се мачат да врзат крај со крај, истакнува Ребека Ридел од Оксфам Америка.

Во анализа на организацијата се наведува дека додека елитна група од десет милијардери добивала по 1 милијарда долари на ден, типичниот работник во САД во 2023 година заработил нешто повеќе од 50.000 долари.

Оксфам ги споредувал промените во богатството на првите 10 Американци на листата на милијардери на Форбс од крајот на април лани до истиот период годинава. Илон Маск, најбогатиот човек на светот, се истакнува со заработка од 186 милијарди долари за 12 месеци, повеќе од другите деветмина на листата заедно.

Нето богатството на сопственикот на Мета, Марк Закерберг се зголемило за 38,7 милијарди, на инвеститорот Ворен Бафет за 34,8 милијарди долари, а во истиот ранг е и заработката на Роб и Џим Волтон, наследниците на синџирот Волмарт. Некои милијардери, како ко-основачите на Гугл, Лери Пејџ и Сергеј Брин, изгубиле дел од богатството.

Оксфам тврди дека новиот даночен закон, веќе усвоен во Претставничкиот дом на САД, уште повеќе ќе им наштети на обичните луѓе, а ќе им користи на најбогатите. Насочен е за зголемување на економскиот производ за 0,5% во следните 10 години и за 1,7% во следните 30, но се потпира на послаба социјална заштита. Анализи покажуваат дека кај десетте отсто најбогати Американци ќе завршат две третини од додадената вредност, додека најсиромашните 20% од семејствата во 2026 година ќе изгубат по 1.035 долари поради кратењата во програмата Медикејд, купоните за храна и другите промени во социјалната заштита.

Законот треба да биде доставен пред Сенатот за гласање најдоцна до 4 јули. Веќе се преработуваат детали, откако неколкумина републикански сенатори ги критикуваа планираните задолжувања како превисоки. Односот на републиканците и на демократите во Сенатот е 53-47. Ако за законот се гласа 50-50, решавачкиот глас ќе го даде потпретседателот Џеј Ди Венс.

28 мај 2025 - 13:46