Оние кои нудат брзи решенија можеби можат да добијат кратки пропагандни поени, но сметам дека граѓаните се доволно зрели да сфатат дека ова што се случува во Европа ќе трае една цела генерација, изјави 60 годишниот италијански дипломат.
Според него, наместо сегашната политика мигрантите да се проследуваат до следниот комшија, потребни се заеднички и долгорочни решенија за проблемот.
Во меѓувреме, само во октомври 2015-та во Европа дојдоа повеќе бегалци отколку во целата претходна година. Од јуни досега Македонија ја минале 203.000 расселени лица.
Сè појасно станува дека без прекин на војната, политичко решение и стабилизирање на Сирија, реката бегалци нема да престане да тече кон стариот континент. Во духот на тоа сознание се и последните препораки на европските политички центри да се работи на седнување на Асад и бунтовниците на преговарачка маса, иако колку до вчера сирискиот претседател не се гледаше како дел од решението на кризата.
Клучни надежи за контрола на бранот се положуваат во Турција при што на Анкара за нејзината конструктивност ѝ се ветуваат концесии околу визите и ново поместување во преговорите за влез во ЕУ. Во таква ситуација, искусните дипломати очекуваат, за да ги добие посакуваните политички бенефиции, Турција во следниот период да игра пушти - затвори со чешмата бегалци која е во нејзини раце.