Мерц ги враќа нуклеарките

Постепеното укинување на нуклеарната енергија во Германија беше сериозна стратешка грешка, оцени канцеларот Фридрих Мерц и најави обновување на атомските централи и изградба на нови реактори. Неразумната „зелена“ стратегија и запирањето на гасот од Русија ја оставија германската индустрија без доволно енергија, а домаќинствата со најскапа струја.

За да ги исполни целите за целосно преминување кон обновливите извори на енергија, Германија во 2023 година ги затвори последните три нуклеарни централи. Говорејќи на собир на лидери од бизнисот, канцеларот Мерц оцени дека рестриктивните енергетски политики на претходните администрации биле голема грешка, која скапо ја чини Германија.

Канцеларот истакна дека се изработени и поднесени сите потребни документи за да почне  изградба на нови нуклеарни централи, кои веројатно ќе бидат поставени на старите локации.

За да се спротивстави на депресивните ефекти на политиките врз производството на енергија, Германија сега ја презема најскапата енергетска транзиција во целиот свет, изјави Мерц.

Падот на производството на енергија во Германија се забрза во 2000 година, бидејќи земјата почна да го намалува користењето на јаглен и нафта. До 2024 година, обновливите извори сочинуваа околу 65% од домашната енергија. Во овој период емисиите на јаглеродни гасови се намалија за 32%, но Германија остана без капацитет за производство на енергија.

Мерц забележа дека германската енергетска индустрија е премногу зависна од увоз. Во 2025 година, речиси 70% од нејзините енергетски потреби беа задоволени преку увоз. Поради тоа германските домаќинства денес плаќаат најскапа струја во Европа.

Сакам конечно повторно да имаме прифатливи пазарни цени за производство на енергија и да не мораме трајно да ги субвенционираме цените на енергијата од федералниот буџет. Не можеме да го издржиме ова на долг рок, предупреди Мерц.

Франција од средината на 1980-ите доминира во европската нуклеарна енергетска индустрија. Нејзините 57 оперативни реактори задоволуваат 70% од енергетските потреби на земјата и ѝ овозможуваат извоз на струја во вредност од 3 милијарди евра. Франција гради уште шест нови реактори и планира да инсталира уште осум.

Кина, во меѓувреме, стаса до 59 оперативни нуклеарни реактори, а уште 37 се во изградба, според Светската нуклеарна асоцијација. Оперативниот нуклеарен капацитет на земјата нагло се зголеми во 2010-тите, а сега е стабилизиран. 

САД моментално имаат 94 оперативни нуклеарни реактори – повеќе од која било друга земја, но ако продолжи сегашното темпо на надградување Кина ќе ги надмине. Претседателот Доналд Трамп лани потпиша извршна наредба за поттикнување на нуклеарната индустриска база на земјата. Неговиот план предвидува рестартирање на затворените реактори, зголемување на капацитетот за производство, завршување на делумно изградените реактори и започнување со изградба на 10 нови големи реактори до 2030 година.

******
Види и: Европа ѝ се смирува на нуклеарната енергија
Германците плаќаат 4 пати поскапа струја од Унгарците
Германски рецепт за (поинаква) нуклеарна хаварија

16 јануари 2026 - 08:40