
Данска ја укина забраната за користење нуклеарна енергија која 40 години ѝ бранеше на владата дури и да ја разгледува како опција.
Како една од „најзелените“ земји во Европа, Данска веќе задоволува 60% од енергетските потреби од ветерници и има план да достигне нето нула емисии на јаглеродни гасови до 2045 година. Но, тоа значи и скапа струја. Данците плаќаат по 0,38 евра за киловат час. Во ЕУ струјата е поскапа само во Германија.
Овој став се шири и меѓу другите нуклеарно скептични земји низ Европа, кои по хаваријата во Фукушима во 2011 година почнаа да ги гаснат реакторите. Меѓународната агенција за енергија во јануари соопшти дека глобалниот интерес за нуклеарната енергија го достигнала највисокото ниво од 1970-тите, кога нафтената криза ги поттикна западните земји да бараат начини да ја намалат нивната зависност од Блискиот Исток за енергија.
Новиот удар беше војната во Украина, која ја остави Европа без пристап до евтин руски гас. Рим во февруари усвои закон да ѝ се врати на нуклеарната енергија, 40 години откако Италијанците на референдум гласаа да се забрани. Тоа беше веднаш по хаваријата во советската нуклеарна централа Чернобил. Белгија исто така ја поништи својата антинуклеарна политика.
Последна тревога беше курцшлусот во Шпанија и Португалија, на кои струјната мрежа им падна најверојатно поради прекумерно потпирање на енергија од ветер и сонце, без контрабаланс од помоќни и постабилни централи.
Шпанија, Германија и Шведска ги преиспитуваат сопствените забрани за нуклеарни централи. Анкети покажуваат дека енергетската криза ги премислила Швеѓаните, кои порано беа против нуклеарките. Сега имаат поддршка од 75% од јавноста.
Европа мора да создаде енергетски сектор што би ја гарантирал нашата независност. Наместо да се спротивставува, Европската комисија мора да отвори пат за нова енергетска основа, повика шведската министерка за енергетика Еба Буш.
Од германскиот канцелар Фридрих Мерц се очекува да ги рестартира реакторите што ги затвори Ангела Меркел или да гради нови миниреактори заедно со Франција. Последните три нуклеарни реактори Германија ги затвори пред две години, токму кога индустријата остана без евтин руски гас.
****
Види и:
Германски рецепт за (поинаква) нуклеарна хаварија