Мелница за месо, руската тактика во Украина

Обемот на руски загуби во 2022, во комбинација со рускиот судир со НАТО системи на кои претходно им се немаат спротивставено, предизвика значително застранување на руските операции од нивната востановена доктрина, стои во анализата објавена од институтот РУСИ.

Пример, РУСИ (Royal United Services Institute) забележува дека руската пешадиска тактика повеќе не се труди да распореди униформни баталјонски тактички групи туку сега повеќе работи на слоевита поделба по функција на линија, напад, специјализирани и потрошни трупи.

„Тие се формирани во групи фокусирани на исполнување задачи. Линиската пешадија се користи за зачувување на освоеното и за одбранбени операции. Потрошните сили служат за постојани престрелки со цел откривање на украинските позиции, кои потоа се напаѓани од специјализираната пешадија, или откривање на слаби точки во украинската одбрана кои треба да бидат приоретизирани за напад. Притоа жртвите се многу нерамноправно распределени меѓу различните функции. Најголемата слабост на руската пешадија е нискиот морал, кој доведува до слаба поврзаност на единиците и соработка меѓу нив,“ анализираат од РУСИ.

Тие имаат пофални зборови за инженерскиот род кој го сметаат за една од посилните страни на руската војска, кои низ целата војна „успешно градат комплексни пречки и утврдувања по должина на фронтот“. Дел од ова се градежни зафати за поставување на бетонски пречки и копање анти-тенковски ровови, друг дел е масовното минирање на теренот, што за тенкови, што за пешадија.

Оклопниот сегмент од руската армија ретко кога се користи за пробивање на фронтот, туку главно служи од заднина како огнена поддршка против украинските позиции. Ваквото дистанцирање од јуришните линии во комбинација со термалната камуфлажа што се користи за возилата, значително ја намалува можноста за откривање на тенковите, со што паѓа и веројатноста тие да бидат уништени со некои од наведуваните анти-тенковски ракети на оддалеченост над 1.400 метри.

По поразите што ги има во 2022 и уништувањето на бројни командни и логистички центри во јули истата година со американски ГМЛРС проектили, руската артилерија почнува со значително „рафинирање“ на своите извидувачко напаѓачки операции (откривање и уништување на непријателски точки во реално време). Во исто време руската артилерија ја унапредува својата способност да отвори оган од повеќе позиции истовремено и да пука и да се движи, со што значително ја намалува опасноста од контра-напад. Клучен во ова е системот Стрелец и префрлањето од 152-милиметарски хаубици на 120-милиметарски минофрлачи; што РУСИ го толкуваат и како одраз на достапноста на муниција и цевки. Тие тврдат и дека руската артилерија се повеќе зависи од запленување на непријателска муниција за извршување на контранападите.

Системите за електронско војување остануваат моќна алатка на Русите, кои според РУСИ имаат барем еден голем електронски систем на секои 10 километри од фронтот. Украинските загуби на дронови се проценуваат на околу 10.000 на месец, а руските електронски системи според РУСИ успеваат во реално време да ја пресретнат и декодираат комуникацијата што оди преку 256-битната енкрипција на Моторола која ја користи украинската армија.

Времето што го имаат за да ги стабилизираат своите позиции ја подобрува и учинковитоста на руската противвоздушна одбрана. По првичните проблеми за справување со новите закани, руското ПВО сега е адаптирано и на новите оружја со кои располага Украина. За ова значително придонесува и тоа што одбранбените точки се директно поврзани со супериорен радар систем.

Руската авијација и понатаму нема некој голем удел освен во разбивање на судир во кој двете страни се нашле во пат ситуација. Тука најголемата закана се ФАБ-500 проектилите со домет до 70 километри, кои иако имаат ограничена прецизност, проблем е што Русија ги има во изобилие. Нивната процена е дека руските воздушни сили и понатаму немаат капацитет да ја пробијат украинската противвоздушна одбрана.

По катастрофалната загуба на командна и контролна инфраструктура во јули 2022, Русија своите главни штабови во Украина ги префрли вон дометот на ГМЛРС ракетите и го стави во цврста градба. Иако комуникацијата меѓу врвот на руската армија е унапредена и подобрена, под баталјонско ниво комуникацијата и понатаму се одвива на аналогни воени радија.

„Прегледот на руската адаптација открива војска која може да се подобри и да еволуира во употребата на своите воени системи. Постојат докази за централизирана проценка за идентификување на недостатоците  и работа на нивно ублажување.

Сепак, голем дел од оваа адаптација е реактивна и насочена кон покривање на сериозните недостатоци во руските единици. Резултат на ова е структура која со тек на време станува подобра во менаџирање на проблемите со кои се соочува, но и структура која и понатаму има проблем во предвидување на нови закани.

Затоа заклучокот е дека руските вооружени сили преставуваат сериозен предизвик за украинската војска во одбраната. Сепак, ако Украина може да ја наруши руската одбрана и да им наметне динамичка ситуација, руските едници е најверојатно дека брзо ќе ја изгубат својата координација. Промените во средината за воздушни битки, на пример, рапидно доведоа до случаи на руско братоубиство,“ ја завршуваат од РУСИ својата анализа.

22 мај 2023 - 15:13